По детално прегледување на снимки од безбедносни камери, надлежниот обвинител утврдил вербална комуникација на национална и политичка основа кои биле причина синоќа по 22 часот во угостителски објект во Охрид, осомничено лице придружено со уште двајца, да го претепаат Х.П. и да му ја скршат вилицата.
Основното јавно обвинителство Охрид донесе наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишен охриѓанец, осомничен за кривично дело – Тешка телесна повреда.
Полицијата која веднаш го пријави случајот пред обвинителството, а ни очевидци на тепачката, не открија, односно не слушнаа напад врз основа на говор на омраза или на политичка база. Но, во поопсежна истрага раководена од обвинителството, утврдено е дека сепак имало таква реченица, пред осомничените да го искршат од ќотек Х.П., секретар на бугарскиот клуб „Борис Трети“, именуван по фашистичкиот окупатор на Македонија во Втората светска војна.
„Осомничениот на 19 јануари, во кафе бар во Охрид пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите – ‘не ти е срам да се пишиш Бугарин?’ и се оддалечил. Неколку часа подоцна, кога оштетениот излегол од кафе барот и се движел кон неговото возило, осомничениот заедно со уште две други непознати лица го пресретнале и го нападнале, удирајќи го по главата и телото и нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот“, вели обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Охрид доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
Недочекувајќи го обвинителството професионално да постапи и детално да го истражи тешкиот инцидент, бугарското МНР уште сабајле се закани со протестна нота пред македонската амбасада во Софија, а министерот за надворешни работи Бујар Османи го осуди нападот од омраза.
Според извори од охридската полиција, четворицата неа ѝ биле познати. Тројцата напаѓачи биле познати охридски тепачи и нарушители на јавниот ред и мир, а Х.П. на 17 декември е пријавен во обвинителството откако полицијата кај него нашла кокаин. Тие имале меѓусебни лични нарушени односи од порано.
С. К. ДЕЛЕВСКА