ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ЗАТВОРЕНИКОТ ЗОРАН МИЛЕСКИ-КИЧЕВСКИОТ, ПРЕТЕКНУВАЈЌИ НА ПОЛНА ЛЕНТА КАЈ СТРАЖА ЈА ПРИЧИНИЛ СООБРАЌАЈКАТА СО ЕДЕН ЗАГИНАТ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ЗАТВОРЕНИКОТ ЗОРАН МИЛЕСКИ-КИЧЕВСКИОТ, ПРЕТЕКНУВАЈЌИ НА ПОЛНА ЛЕНТА КАЈ СТРАЖА ЈА ПРИЧИНИЛ СООБРАЌАЈКАТА СО ЕДЕН ЗАГИНАТМилески е на едномесечен прекин на затворската казна од три години во случајот „Рекет". (Фото: СДК.МК)

    За тешката сообраќајна несреќа во саботата кај Стража, во која загина едно лице, а седуммина се повредени, осомничен е Зоран Милески-Кичевскиот, кој претекнал на две полни линии и се судрил со две возила. Обвинителството на Гостивар, поради опасност на влијание врз сведоците и можност Милески да го повтори делото, до Основниот суд Гостивар за Милески побарало мерка притвор.

    Милески е на едномесечен прекин на затворската казна од три години во случајот „Рекет”, зашто лекари од Охрид препорачале да се лекува од стрес и тахикардија, а Управата за извршување на санкциите, му дала решение по препораката.

    „Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. На 4 септември, на магистралниот пат Кичево-Гостивар, осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај. Движејќи се со патничко моторно возило ‘мерцедес’ со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него – автомобил ‘бмв’ со тетовски регистарски ознаки. Во истиот момент, во обратна насока кон Кичево се движел автомобил ‘санг јонг’ со гостиварски ознаки, на кое осомничениот му го попречил патот, па директно удрил со предниот десен дел од ‘мерцедесот’ во предниот десен дел од автомобилот ‘санг Јонг’. Удреното возило со левиот страничен дел, пак, удрило и во автомобилот ‘бмв’, кој бил претекнуван. Во несреќата, животот го загубил сопатник во автомобилот ‘санг јонг’, четири лица се здобиле со тешки телесни повреди, а тројца, меѓу кои и осомничениот, се здобиле со телесни повреди”, вели Обвинителството.

    Милески се возел со двајца српски државјани. Тој казната ја издржуваше во отвореното одделение во затворот во Струга.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира