ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДОСЕГА НЕМА НАЈДЕНО ВИНОВНИК ЗА БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДОСЕГА НЕМА НАЈДЕНО ВИНОВНИК ЗА БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИОсновното јавно обвинителство ги побарало и снимките од камерите со кои се покрива околината на амбасадата на Република Унгарија во Тирана, но тие не се зачувани. - Унгарската амбасада во Тирана (Фото: М. Илиоски)

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека досега нема утврдено дека службени лица помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на осудениот експремиер Никола Груевски во Унгарија.

    Надлежниот јавен обвинител веднаш по бегството на Груевски во ноември отвори предмет по допрен глас за да се утврди дали постои евентуална кривична одговорност од страна на службени и други лица.

    „Надлежниот обвинител сослуша вкупно 56 лица, од кои 28 полициски службеници од граничните премини, шестмина членови на обезбедувањето на осуденото лице Никола Груевски, пет службени лица од Министерството за внатрешни работи и 17 други лица. Досега обезбедените докази упатуваат на заклучок дека имало одредени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство.

    Обвинителството вели дека издало наредби за одземање на снимките од видеонадзорот од повеќе хотели и други објекти, патниот правец кон Шпиље и Дебар, аеродромот во Скопје, како и од сите гранични премини кон Република Албанија. Од Интерпол е доставена информација во којашто се вели дека не постојат податоци дека Груевски излегол од Македонија преку ниту еден граничен премин во критичниот период.

    Преку меѓународна правна помош, Обвинителството на 19 ноември достави барање до надлежните институции во Република Албанија и Република Црна Гора за обезбедување на снимките од видеонадзорот на граничните премини, како и од камерите со кои се покрива околината на амбасадата на Република Унгарија во Тирана. Црногорските власти постапија веднаш и на 21 декември, екипи од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција лично го презедоа снимениот видеоматеријал во Подгорица. Надлежните органи од Албанија, по две ургенции, на 9 јануари го известија Основното јавно обвинителство дека побараниот видеоматеријал е обемен и дека не поседуваат опрема за негов пренос. Екипи од Обвинителството со хард дискови се упатија во Албанија за да го преземат бараниот материјал, но притоа беа усно известени дека тој не е сочуван, односно дека снимен материјал се чува околу еден месец од последниот баран датум.

    Издадени се 16 наредби за листинзи од вкупно 60 телефонски броеви од лица кои биле поврзани или за кои постоело сомнение дека комуницирале со осудениот во критичниот период. Листинзите се обезбедени и од нив првично се утврдени некои факти кои се предмет на натамошно постапување и анализа.

    Основното јавно обвинителство утврди дека на ист датум во септември 2018 година, Груевски од три различни банки подигнал околу 120.000 евра од сопствени сметки.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира