ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГИ АМНЕСТИРА ВЕЉАНОСКИ, ЈАНАКИЕСКИ И РИСТЕСКИ КАКО ОРГАНИЗАТОРИ НА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ 2017, НЕМА АМНЕСТИЈА ЗА АТАНАСОВСКИ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГИ АМНЕСТИРА ВЕЉАНОСКИ, ЈАНАКИЕСКИ И РИСТЕСКИ КАКО ОРГАНИЗАТОРИ НА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ 2017, НЕМА АМНЕСТИЈА ЗА АТАНАСОВСКИОбвинителството мисли оти за Вељаноски, Ристевски и Јанакиевски нема пречка да се примени Законот за амнестија според кој беа амнестирани Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, тогашни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска даде зелено светло обвинетите организатори на нападот на Собранието на 27 април 2017 – Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спире Ристевски – да бидат амнестирани по Законот за амнестија донесен за Крсто Мукоски и другите отворачи на собраниските врати.

    Главниот организатор, Никола Груевски е во бегство. Испадна дека за организираниот напад на Собранието на 27 април, кога тоа беше демолирано, пратеник беше претепан и тешко повреден, нападнати беа новинари, а многу пратеници од СДСМ беа со скршени глави и носеви, в затвор лежат само обичните луѓе кои упаднаа во Собранието, кои се небитни бидејќи не биле на функции во ВМРО-ДПМНЕ.

    Еднаш судијата во Основниот кривичен суд Скопје Иле Трпков им го одби барањето на сите четворица обвинети, вклучително и на Владимир Атанасовски, тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Потоа, Апелациониот суд Скопје го поништи ова решение, го врати повторно во Кривичниот суд, а судијата повторно им го одби барањето за амнестија.

    Апелација пак го враќа, но сега судијата барал мислење и од Обвинителството за организиран криминал кое го застапува обвинението.

    Денеска, Обвинителстото соопшти дека мисли оти за Вељаноски, Ристевски и Јанакиевски нема пречка да се примени Законот за амнестија, според кој за нападот на Собранието беа амнестирани Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, сите тогашни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Но, смета дека за Атанасовски не може да се примени амнестијата и за него судењето треба да продолжи.

    „При носењето на мислењето, јавното обвинителство ја имаше предвид и правната аргументација од веќе донесеното решение на судот од 20.12.2018 година со кое еден обвинет беше ослободен од гонење за кривичното дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок од чл.313 од КЗ пред фазата на изведување на докази. Почитувајќи ги законските одредби и имајќи ги предвид ограничувањата при примената на законот, обвинителството темелно ги образложи причините за своето мислење со кое наоѓа дека кај тројца од обвинетите законските одредби налагаат амнестија, додека кај еден обвинет не може да се примени овој правен институт, бидејќи за истиот важат исклучоците од амнестијата која ја дал законодавецот со своето законско решение“, рече Обвинителството.

    За Груевски како главен организатор заедно со Атанасовски, воопшто нема обвинение, има само мерка во сила – притвор и почеток на истрага за овој терористички напад на 27 април, кога ќе стане достапен на органите на прогонот, односно ако се врати од Унгарија.

    Судијата Трпков закажал наредно судење за 23 јануари 2025. Не се знае како ќе одлучи, но ако не ги амнестира овие тројца, Обвинителството има механизам да го повлече обвинението за нив.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира