Грчката компанија „Актор“ соопшти дека македонското обвинителство во 2014 година направило ревизија по обвинувањата за измама и перење пари при изградба на автопатот Демир Капија-Смоквица и откако утврдило дека не е направен никаков прекршок го затворило случајот.
Реакцијата на „Актор“, пренесена во грчките медуми, доаѓа откако вчера Европската агенција за борба против корупција (ОЛАФ) ја обвини грчката компанија за измама и за перење пари во износ од 50 милиони евра при изградба на автопатот Демир Капија-Смоквица, за што од грчката компанија велат дека немаат добиено официјално известување.
„По ревизијата, обвинителството во Скопје, во 2014 година утврди дека не е направен каков било прекршок и го затвори случајот. Случајот кој сега се објавува е истиот од 2014 година и тој е затворен во Скопје“, соопшти „Актор“
Од Јавното обвинителство на Марко Зврлевски, пак, велат дека за случајот „Актор“ ги преземаат сите неопходни активности за прибирање на податоци за утврдување на околностите и дека биле информирани од ОЛАФ дека нивната истрага е завршена.
Грчката градежна фирма во 2012 година го доби тендерот за изградба на 28-километарската делница, а името на „Актор“ стана актуелно во 2014 година, кога СДСМ обвини дека од македонски банкарски сметки незаконски биле извлечени 3,5 милиони евра.
СДСМ презентираше документи и тврдеше дека грчки државјани, преку преставништвото на грчката фирма „Актор“ во земјава, подигале милиони евра во кеш од филијала на „Стопанска банка“ Скопје, во Неготино.
Пред две години, по налог на грчкото државно обвинителство, грчката финансиска полиција го уапси сопственикот на „Актор“, Леонидас Боболас, за даночно затајување и за долг кон државата.