Обвинителството за организиран криминал и корупција по денешното објавување на аудио снимки на „Јутјуб“ пуштени на каналот „U6e Big“, отвори предмет по допрен глас. Надлежен јавен обвинител дал наредба до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР барањето за прибирање на потребни известувања да го достават до „Јутјуб“. Во моментов, обвинителот бара податоци за да го утврди идентитетот на лицето што ги објавило снимките на Јутјуб, се вели во соопштението на Обвинителството.
Новите девет снимки се на истиот „Јутјуб“ канал, како и претходните седум објавени на 7 декември.
Со постапката треба да се утврди кој снимал, дали во содржината на разговорите и нивното јавно објавување има елементи на кривично дело, а ќе се утврдува и идентитетот на лицата што разговараат. Едниот од гласовите, како што се слуша, личи на бизнисменот Орце Камчев, кој на 6 декември сведочеше на судењето за „Рекет“. Камчев е осомничен во „Империја“, а го пријави и е сведок во случајот „Рекет“.
„Воедно ве информираме дека до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до сега нема пристигнато пријава која се однесува на објавените снимени разговори. Обвинителството како и во изминатиот период нема да коментира изјави, туку својата работа ќе продолжи да ја темели врз докази. Во насока на тоа обвинителството веднаш, како и во случајот на објавените документи од предметот ‘Рекет’, отвори постапка во насока на расветлување на случајот“, се наведува во соопштението.
Во најновите испрекинати снимки од разговори на Камчев со непознат соговорник на тема за плаќање на поткупот од случајот “Рекет“, тој меѓу другото цитира пораки кои наводно ги разменил со премиерот Зоран Заев за кого вели дека му пратил порака оти мора да се пријави кај Вилма Русковска инаку ќе одговара и дека „Македонија мора да стане правна држава“.. Исто така озборува две машки лица, зборува за наводна сексуална врска меѓу нив, за машка проституција.
С. К. ДЕЛЕВСКА