Скопското обвинителство добило две анонимни кривични пријави против директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски за Употреба на исправа со невистинита содржина, поради поседување и користење на лажен ТОЕФЛ-сертификат за познавање на англиски јазик, прибавен од непостоечки испитен центар во Пловдив, Бугарија.
Споени се во една, велат оттаму.
Најверојатно нема да има класична истрага, затоа што ова е кривично-правен случај кој според Законот за кривична постапка (ЗКП), се води по брза постапка, сметаат обвинителите.
Откако новинари од Бугарија открија дека новиот директор на АНБ Христовски зел фалсификувано уверение за положен англиски јазик од непостоечка институција за тестирање ТОЕФЛ во Пловдив, власта се обиде скандалот да го разводени преку Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) позната по тоа дека блиски луѓе на премиерот Христијан Мицкоски ги испитува цели три месеци и подолго. Обвинителството, пак, се обиде да купи време преку Антикорупциската комисија, но веќе денеска рече дека почнува да презема дејствија.
Останува непознато како министерот за внатрешни работи Панче Тошковски (сопартиец од ВМРО-ДПМНЕ на директорот Бојан Христовски), не ја разоткрил фалсификат-дипломата по англиски на Христовски, прибавена од истиот непостоечки центар, а за кој веќе има судски пресуди за други лица. Во април тој објави дека фатил таква диплома на лице во МВР и му поднел кривична пријава.
Засега, никој не може да каже дали има некоја измамничка мрежа за лажни ТОЕФЛ-уверенија, која ги продава за одредена сума пари во Македонија, а можеби и пошироко. Имателите на фалсификат-уверенијата се сторители на кривично дело фалсификување на исправа и измама.
Христовски во официјалната биографија навел дека на 26 март 2022 зел ТОЕФЛ-сертификат за англиски од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија. На 9 октомври годинава, две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затвор бидејќи кога конкурирале за функцијата како доказ за познавање на англиски јазик приложиле ТОЕФЛ-сертификат издаден од истата компанија издаден во ноември и декември 2022. На обвинението му претходеле кривични пријави од МВР поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Употреба на исправа со невистинита содржина, поднесени на 14 февруари, во периодот кога со овој ресор раководи Панче Тошковски како технички министер.
С. К. ДЕЛЕВСКА