ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ЗА ДЕЛО ОД ОМРАЗА ПРОТИВ ЛИЦЕТО КОЕ СКРШИ СТАКЛО НА ВЛЕЗОТ НА БУГАРСКАТА АМБАСАДА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ЗА ДЕЛО ОД ОМРАЗА ПРОТИВ ЛИЦЕТО КОЕ СКРШИ СТАКЛО НА ВЛЕЗОТ НА БУГАРСКАТА АМБАСАДАЗа кршачот на стаклото се бара притвор (Фото:МНР на Бугарија)

    Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 55-годишно лице, осомничено за кривично дело – Оштетување туѓи предмети од член 243 став 2 од Кривичниот законик.

    „На 11 јануари, осомничениот од омраза ја оштетил влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија, така што со камен го скршил стаклото на вратата и веднаш се одалечил во непознат правец. Јавниот обвинител предложи судијата на претходна постапка да определи мерка притвор спрема осомничениот бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и околности го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело“, вели обвинителството.

    Бугарското МНР дента реагираше дека „овој чин е недозволив напад врз статусот на дипломатското претставништво“ и оти претставува грубо кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи.

    „Изразуваме длабока загриженост дека ваквото дрско дело е резултат на системскиот недостиг на реакција од страна на надлежните институции во Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски чинови врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница“, се вели во соопштението од Софија.

    Вечерта министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го осуди нападот на амбасадата на Бугарија во Македонија, рече дека станува збор за изолиран случај и оти институциите реагираат брзо и ефикасно.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира