ОБВИНИТЕЛСТВОТО СОМНИЧИ ИНСПЕКТОР ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И УШТЕ ДВЕ ЛИЦА ЗА УНИШТУВАЊЕ НА ТРСКАТА НА СТРУШКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО СОМНИЧИ ИНСПЕКТОР ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И УШТЕ ДВЕ ЛИЦА ЗА УНИШТУВАЊЕ НА ТРСКАТА НА СТРУШКОТО КРАЈБРЕЖЈЕГраѓанските здруженија веќе неколку месеци реагираат на уништувањето и палењето на трската на крајбрежјето на Охридското Езеро и во Охрид и во Струга (Фото: Фејсбук)

    Основното јавно обвинителство Струга поведе постапка против инспектор по природа од Министерството за живтона средина и просторно планирање оти одбил да излезе на терен по барање на јавен обвинител да направи увид во време кога се сечела и уништувaла трска од крајбрежјето на Охридското Езеро. Струшкото обвинителство поведе постапка и против две лица, осомничени дека ја уништувале трската која како природна реткост е ставена под заштита.

    „ОЈО Струга поведе постапка против инспектор по природа од Министерството за животна средина за сторено кривично дело – Попречување на правдата од член 368-а од Кривичниот законик. Предметот е отворен затоа што осомничениот одбил да излезе на лице место во моментот кога се сечела трската и да преземе дејствија по барање на јавниот обвинител“, соопшти ОЈО Струга.

    Надлежен јавен обвинител од ОЈО Струга против двајцата осомничени почна постапка заради постоење основано сомнение за сторено кривично дело – оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, по член 264 од Кривичниот законик.

    „На 16.03.2019 година двете лица се забележани како уништуваат добро под привремена заштита, односно природна реткост. Еден од осомничените во близина на плажата ‘Версус’ со кајче влегол во езерото и со срп ја сечел трската. Вториот осомничен го нарачал сечењето на трската со намера да се сопре природниот раст. Со ваквите дејствија осомничените постапиле спротивно на Законот за заштита на природата, во кој Охридското Езеро е класифицирано како споменик на природата и каде не се дозволени активности со кои се загрозуваат неговите обележја и вредности“, соопшти ОЈО Струга.

    Од Струшкото обвинителство велат дека интензивно ја следат состојбата со уништување на трската на езерското крајбрежје и дека издале наредби за засилен надзор.

    „До полициските службеници издадени се насоки за натамошно постапување во насока на откривање на сторителите и на прибавување докази“, велат од ОЈО Струга

    Граѓанските здруженија, поточно Охрид СОС веќе неколку месеци реагира на уништувањето на трската на охридското крајбрежје, која или ја сечат и уништуваат или гори.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира