Врховниот суд утврдил дека и двете судења против Менсур Пајазити, кој во 2022 на пешачки премин смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска во Тетово, и во Основниот суд во Тетово и во Апелациониот суд во Гостивар имале суштински недостатоци во постапката и затоа го вратил случајот на повторно судење. На повторното судење на 7 април годинава Пајазити доби две години казна затвор, што предизвика лавини во јавноста.
Уште на почетокот, Тетовското обвинителство за ваква сообраќајна несреќа со смртни последици, поднело обвинение по членови и ставови со кои не се пропишани најстроги казни за вакви дела, а судијата не може да менува кривични дела и да преправа обвиненија. Од Обвинителството велат дека немало умисла кај Пајазити, бидејќи тој немал алкохол во крвта, возел со прописна брзина, а местото на несреќата не било обележано со пешачки премин.
На првото рочиште, на првото судење во 2024, судија од Основниот суд Тетово, го осудил Пајазити на 3,5 години затвор. Но, направил суштински грешки во постапката, кажува Врховниот суд на 25 декември 2024.
Првото судење го водеше судијката Верка Костовска, која во ноември 2024 заминала во пензија. Повторното судење започна на 4 март 2025, со судијата Ељведин Ферати.
Пред да се обрати до Врховниот суд, Пајазити прво поднел жалба до Апелациониот суд Гостивар. Тројцата тамошни судии, без да ги утврдат неправилностите на постапката, на осудениот му ја намалиле казната на две години затвор. Но, адвокатот на Пајазити, Александар Богданоски, решил да оди понатаму.

Пресуда на Врховниот суд од 25 декември 2024 со која случајот на Пајазити се враќа на повторно судење. (Фото: Врховен суд)
Кога во Врховниот суд стигнало барањето за преиспитување на пресудата против Пајазити, пет врховни судии: Цветанка Периќ – претседателка на кривичниот совет, Џемали Саити, Африм Фидани, Мирјана Лазарова-Трајковска и Сафет Кадрии, виделе дека од овој судски предмет бил направен хаос.
На првото судење на 10 ноември 2023, обвинетиот возач Менсур Пајазити се изјаснил за невин. Сепак, на второто рочиште, по 17 дена, пред расправата да продолжи со доказната постапка, неговата одбрана го повлекла предлогот за вештачење извршено од нивното вешто лице, го прифатила тоа на обвинителството и најавила дека Пајазити ќе признае вина.
Но, судијата продолжил со утврдување фактичка состојба. Со повлечени докази од Пајазити, судијата продолжил еднострано да ја тера постапката до крај, само со доказите на обвинителството. Така стои во одлуката на Врховниот суд. И во таква карма-каша Костовска го осудила обвинетиот, кој признал вина во завршниот збор на судењето.
„Во случајот, останува нејасно согласно кои одредби од Законот за кривичната постапка судот ја водел постапката, а сè со цел со сигурност одбраната да знае како ќе располага понатаму со доказите. Потоа, првостепениот суд фактичката состојба ја утврдил само врз основа на доказите на обвинителството, кои биле изведени во доказна постапка, додека пак листата на докази предложена од страна на одбраната прифатил дека е повлечена и судот не ги изведувал доказите предложени од нивна страна. Оттука, ако судот не го прифатил признанието на вина дадено од страна на осудениот, бил должен согласно членот 382 да ги изведува сите докази предложени како од обвинителството, така и од одбраната, како би можело правило да се утврдат решителните факти во однос на кривичната одговорност на осудениот“, е суштинската забелешка на петтемина врховни судии за укинување на пресудата на Ферати.
Врховниот суд вели дека и тројцата апелациони судии од Гостивар направиле суштински повреди на постапката, па ја укинал и нивната пресуда.
Но, во одлуката стои дека од Републичкото обвинителство стигнало мислење оти барањето за преиспитување на пресудата Врховниот суд треба да го отфрли, бидејќи е неосновано.
Судијата Ељведин Ферати од Основниот суд Тетово, покрај со ниската казна од 2 години затвор на повтореното судење за Пајазити, кај јавноста предизвика револт и со тоа што Државниот просветен инспекторат пред 2 години утврди дека просекот со кој се запишал на Академијата за судии и јавни обвинители не соодветствува со понискиот со кој дипломирал и дека во главната книга на Тетовскиот универзитет оценките му биле преправани, со пречкртување. Вчера Скопското обвинителството соопшти дека при повторената контрола, Просветниот инспекторат нашол пријави за преполагање на 4 испити, со кои оценки Ферати го зголемил просекот и така се пријавил и положил приемен испит во Академијата за судии. Поради тоа Обвинителството ја запрело предистрагата против него.
Судскиот совет побара увид во предметот за пресудата во врска со смртта на 22-годишната Теодора Ристовска во Тетово, изјави вчера за МИА претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.
„Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти ќе реагираме, доколку е сè во ред, ќе соопштиме“, изјави Камбовски.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е згрозен од пресудата и дека тоа не е правда, туку целосно потфрлање на системот.
„Ова не е правда, и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда“, рече Мицкоски по конститутивната седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА