Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека не е во ред ако Бадентеровото мнозинство се користи како алатка за постигнување политички решенија, и тоа баш преку образование. Во собраниска процедура се трите закони поднесени од Министерството за образование и наука – за високо образование, за научноистражувачка дејност и за квалитет во високото образование и науката, но се блокирани од албанскиот опозициски блок кој инсистира на Бадентеров принцип при нивното носење.
„Нивното донесување е блокирано преку алатката која се вика Бадентер. Општо е познато дека таа беше злоупотребувана во минатото и дека Владата сака да направи подобар закон за правична застапеност, што јас лично, повторувам многу пати, го поддржувам максимално, да, треба да бидат заштитени правата на помалите заедници во државата“, рече Јаневска на прес-конференцијата на 6 август, на која беа презентирани резултатите од државната матура.
Одговарајќи на новинарско прашање до каде е Законот за високо образование, Јаневска рече дека Законот поминал долготрајна и многу транспарентна постапка во која работната група од Министерството, прифати многу забелешки на академската заедница.
Министерката вели дека секогаш ќе има еден помал дел кој ќе биде незадоволен од нешто, но мнозинството од академската заедница го прифати законот таков каков што е.
„Да, за носење на закони од образование треба Бадентер, нели, она што е постоечко, и тоа е како, повторно велам, алатка за заштита на правата, на пример заштита на учењето на мајчин јазик. Овие три закони воопшто не влегуваат во таков некаков проблем. Овде зборуваме за мериторни елементи, за организација на високото образование, за квалитетот на професорите, за повеќе практична работа при студиите. Значи, некои елементи кои мора да ги има државата, ако сакаме да имаме одржливо високо образование и квалитетен кадар, и не е флоскула, на луѓето кои во иднина треба да ја водат и чуваат оваа држава. Немам ништо против во Собранието и натаму многу да дискутираме, но треба да почнеме да дискутираме, многу да дискутираме за секој член поединечно, со тоа што Владата има право на своја владина политика. Она што законите го бараат не е на штета на никого, туку е во корист на младите луѓе и во корист на наставниот кадар“, образложи министерката.
Јаневска вели дека е информирана оти ќе има уште една собраниска јавна расправа, која со задоволство ја прифаќа затоа што верува дека ќе се најдат решенијата што е можно побрзо да се донесат закониве.
„Секој изгубен ден е изгубен ден за младите луѓе во оваа држава, а знаете дека бројките се поразителни. Ако им обезбедиме добро високо образование, ако им обезбедиме современо високо образование, знаење, вештини и компетенции со коишто ќе можат да влезат на пазарот на труд или во академската заедница, ние ќе имаме 5–10 години навистина спремни млади луѓе кои ќе можат да се грижат за оваа држава: за стопанството, за земјоделието, за високото образование, за здравството, за образованието… што во овој момент, сите знаете, јавна тајна е, не е така“, кажа министерката на 6 август.
Во интервјуто за МИА објавено на 14 август, Јаневска вели: „Сметам дека ќе надвладее разумот и дека Собранието ќе собере сили да ги надмине политичките прашања, односно да не бидат овие три закони прашања со кои ќе се решава некое друго прашање. Особено затоа што ние, навистина, малку доцниме и немаме време да вметнуваме и да се расправаме политички за нешто што е толку многу значајно. Јас сум длабоко убедена дека ќе надвладее разумот затоа што тоа е во корист на сите млади од земјава“.
Јаневска вели на сите универзитети соодветно се намалени квотите за упис на студенти во прва година бидејќи пазарот на труд е заситен со одредени струки и има невработени, за разлика од други струки каде што вработливоста е многу висока, па некаде се јавува и недостиг.
Во пресрет на уписите на универзитетите, министерката во интервјуто вели дека оваа година на сите универзитети има намалено околу 2.000 места, но уверена е дека сите студенти ќе си го најдат своето место таму каде што сакаат да студираат.
„Повеќе намаливме во струките бизнис-администрација, јавна администрација, нешто на Економски, на Правен, бидејќи таму се појавува поголем број на невработени, во медицинските струки. За разлика од тоа, останаа речиси идентични техничките струки, информатиката, машинството, градежништвото, таму е вработливоста на одлично ниво и достигнува некаде до 98-99 проценти“. изјави Јаневска.
Б. НЕСТОРОСКА



