Дете на 10-годишна возраст кое било принудувано да проси, се бори за живот со скршен череп. Очувот го претепал и неговото братче од 4 години, кое има хематом на црниот дроб и контузии на десното белодробно крило, скршени му се и запчиња.
Претепани се зашто парите од питачењето требало да му ги даваат на 24-годишниот очув, а не на мајката.
Децата се од Визбегово во чија близина е Дневниот центар за деца од улица (во Шуто Оризари), кого државата во исто време – го затвора. Го затвора по 19 години постоење. Во Дневниот центар има меѓу 60 и 100 деца кои таму го јадат можеби и единствениот оброк во животот, зашто дома имаат ужасни услови.
Сите овие деца ќе се вратат на улица, принудувани да питачат, предупредуваат од Дневниот центар, каде веќе 3 месеца работат без пари и ги потрошија сите резерви од храна, детергенти, шампони, сапуни и средства за кирија за објектот, за сметки за струја, вода, греење.
Викендов Дневниот центар упати јавен апел Министерството за социјална политика да не ги прекинува средствата.
„Почитувани наши соработници, партнери, верни поддржувачи и пријатели на децата од Дневниот центар за деца на улица. Со овој пост, сакаме да Ве информираме за неповолните околности во кој се наоѓа Дневниот центар за деца на улица. За да го одржиме континуитетот на работа со децата и семејствата, а во нивен најдобар интерес, стручниот тим веќе трети месец работи без финансиска поддршка од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, со цел децата повторно да не се вратат на улица. Во рамките на здружението за Заштита на правата на детето како лиценциран давател (од август 2021 година) на социјални услуги во заедницата преку својата организациона единица Дневен Центар за деца на улица кој обезбедува социјални услуги на дневен престој на деца во ризик (деца на улица) до минатата година континуирано ја добиваше финансиската поддршка од страна на Министерството. Од оваа година поради административна пречка, не се потпиша Управен Договор. И покрај сите наши обраќања, дописи и вложени напори за изнаоѓање решенија / надмининувања на овој проблем, секогаш наидувавме на молк / недавање одговор од другата страна“, кажуваат од Дневниот центар дека пред да ги отпише Министерството за труд и социјала, биле игнорирани и за нив недостапни.
Од Центарот велат дека не знаат како да им кажат на децата веќе да не доаѓаат.
„Министерството за социјална политика, демографија и млади како повикана институција да го штити интересот на децата со овој однос не го штити нивниот интерес, напротив ја затвора вратата на овој центар и ги враќа децата повторно на улиците. Сметаме дека овој проблем е решлив ако постои силна волја и заинтересираност овој Дневен центар да продолжи да си ја обавува својата функција. За да не се доведува до затворање на Дневен центар кој во изминативе 19 години успешно работи на намалување на престојот на децата на улица, дава социјална, психолошка, педагошка и друг вид на помош и заштита на децата од улица бараме произнесување од страна на Министерството. Бидејќи работењето на Дневниот центар не е работа само со децата (на нивна социјализација, стекнување работни и културни вештини, хигиенски навики, комуникациски вештини, описменување, вклучување во образовниот процес итн.) туку и работа со нивните семејства, на јакнење на родителските капацитети и потенцијали, услуга на информирање и упатување, поддршка и совети, како и се работи на нивните работни вештини за работна интеграција за влкучување на пазарот на трудот“, укажуваат вработените во Центарот дека работат и со родителите на овие деца кои не само немаат што да јадат, туку и кај да живеат.
САКАМДАКАЖАМ.МК пишуваше од колкава важност за овие деца од најризичните семејства во Македонија е постоењето на Дневниот центар. Од него излезе Амир Дестанов, дете – питач кој благодарение на вежбите по математика, освои трето место на натпреварот „Кенгур“.
- ДЕТЕ ОД УЛИЦА, СО САМО ЕДЕН ОБРОК ВО ДЕНОТ, ОСВОИ ТРЕТО МЕСТО ПО МАТЕМАТИКА НА „КЕНГУР”
- АМИР – ДЕТЕТО ОД УЛИЦА КОЕ ОСВОИ ТРЕТА НАГРАДА НА “КЕНГУР“, МУ РАСКАЖА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ ЗА СВОЕТО ТЕШКО ДЕТСТВО
Министерството за социјална политика тврди дека по 19 години, Дневниот центар одеднаш не ги исполнува условите за да постои и да добива средства.
На огласот во декември лани аплицирало и Здружението на граѓани Заштита на правата на детето за социјалната услуга – дневен престој за деца во ризик-деца на улица (Дневниот центар). Но, по спроведената постапка од страна на Комисијата за обезбедување средства за социјални услуги од општините и другите даватели, било констатирано дека не ги исполнувал условите пропишани во конкурсот.
Дневниот центар за деца од улица бил благовремено известен, но не презел ништо, тврди Министерството.
„Воедно, информираме дека од страна на Комисијата за лиценцирање на даватели на социјални услуги при Министерството за социјална политика, демографија и млади до Одделението за социјално вклучување, доставено е мислење за неисполнетост на условите за вршење на работа од социјалната заштита-за услугата центар за дневен престој за деца во ризик и воедно дава мислење за одземање на дозволата за вршење на работа во социјалната заштита за обезбедување на именуваната услуга, врз основа на што е изготвено соодветно Решение и истото е доставено до Здружението согласно позитивните законски прописи.
На територијата на општина Шуто Оризари обезбедена е финансиска поддршка, односно доделени се средства за обезбедување на социјалната услуга Центар за дневен престој за деца во ризик на лиценцираниот давател на социјална услуга Здружение на граѓани за здравствена, социјална и образовна поддршка ‘Иницијатива за развој и инклузија на заедниците’ Скопје, односно склучен е управен договор помеѓу горенаведеното здружение и МСПДМ“, вели Министерството, а според одговорот, смета дека еден центар за Шуто Оризари е доволен.
С. К. ДЕЛЕВСКА