АМИР – ДЕТЕТО ОД УЛИЦА КОЕ ОСВОИ ТРЕТА НАГРАДА НА “КЕНГУР“, МУ РАСКАЖА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ ЗА СВОЕТО ТЕШКО ДЕТСТВО

    АМИР – ДЕТЕТО ОД УЛИЦА КОЕ ОСВОИ ТРЕТА НАГРАДА НА “КЕНГУР“, МУ РАСКАЖА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ ЗА СВОЕТО ТЕШКО ДЕТСТВОНа средбата се разговарало и за предизвиците за опстанокот на Дневниот центар за деца на улица, од финансиски причини (Фото: Кабинет на ПРСМ)

    Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Амир Дестанов, ученик во ООУ „Браќа Рамиз и Хамид“ во општината Шуто Оризари, кој на натпреварот по математика на „Кенгур 2022“  освои трето место, а живее во тешка сиромаштија, во дисфункционално семејство и е дете од улица. Амир веќе извесно време не само што не се враќа да питачи на улицата, туку вредно учи на училиште и во Дневниот центар за деца на улица, реди петки во осмо одделение, се натпреварува по математика и освојува награди.

    „Претседателот Пендаровски беше запознат со исклучително тешкото детство на Амир и со суровите услови на живот кои ги искусил од најмала возраст. Импресиониран од успесите и посветеноста на Амир, претседателот Пендаровски му го честиташе 3-то место на математичкиот натпревар и му посака светла иднина и безгрижни тинејџерски денови“, соопшти кабинетот на претседателот.

    На средбата, претседателот го охрабрил Амир да продолжи со посветеноста во образовниот процес, како би ги постигнал своите цели за подобра иднина.

    На средбата присуствуваа и наставничката по математика на Амир и претставници на дневниот центар, со кои се разговарало за постигнатиот успех на осмоодделенецот, како и за предизвиците и условите за работа на „Дневниот центар за деца на улица“.

    Во сторијата на САКАМДАКАЖАМ.МК за Амир – дете со само еден сигурен оброк во денот, кој го добива во Дневниот центар, а кој освои трета награда на натпреварот „Кенгур“ по математика, беше алармирано дека Центарот ги брои последните средства за опстанокот. Таму моментално се работи со 61 дете од улица, меѓу кои е Амир. Во Центарот овие деца јадат барем еден сигурен оброк, а по часовите во училиште, пишуваат домашни, решаваат задачи, цртаат, пејат и учат лекции, бидејќи дома немаат услови за живот. Наставничките покрај другото ги учат на миење раце, на однесување, тука се капат, се пресоблекуваат во чиста облека, добиваат се што е основна потреба, а ја немаат дома.

    Откако објавивме дека пари Центарот има само до јули, а потоа најверојатно ќе згасне, Министерството за труд и социјална политика кажа дека јавниот повик за лиценциран давател на социјални услуги е готов, дека деновиве ќе се објави и точно навреме  Дневниот центар за деца на улица ќе ги добие средствата за да продолжи непречено да работи со овие деца.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира