ОД УТРЕ МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ЌЕ МОЖЕ ДА ПРЕПИШУВААТ ЛЕКОВИ ЗА ВИСОК ПРИТИСОК, ДИЈАБЕТЕС, АСТМА И ХИПОТИРОИДИЗАМ

    ОД УТРЕ МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ЌЕ МОЖЕ ДА ПРЕПИШУВААТ ЛЕКОВИ ЗА ВИСОК ПРИТИСОК, ДИЈАБЕТЕС, АСТМА И ХИПОТИРОИДИЗАМд-р Злате Мехмедовиќ и министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната промоција на реформите во примарното здравство. (Фото: СДК.МК)

    Матичните лекари ќе можат да препишуваат терапија за најчестите хронични заболувања и состојби – хипертензија, дијабетес, хронична опструктивна белодробна болест, астма и хипотироидизам. Одлуката , како што вели д-р Злате Мехмедовиќ, кој е координатор на реформите за примарна заштита, од утре треба да биде објавена во „Службен весник“ и ќе може да препишуваат хронична терапија.

    Оваа новина министерот за здравство Фатмир Меџити ја најави на 31 мај, но денеска ја презентираа заедно со д-р  Мехмедовиќ, кој доаѓа од Клиниката за пулмологија, и е член и портпарол на Комисија за заразни болести.

    Тие кажаа дека се комплетирани пет нови клинички упатства и протоколи засновани на меѓународни упатства и докази, и дека реформите ќе се спроведуваат постепено, до 2026 година. Освен обуката на матичните лекари, ќе мора да се вложи и во опремување на нивните ординации.

    „Целта е да се зголеми контролата врз недијагностицираните случаи. Нашите анализи покажаа дека во земјава има 133 илјади пациенти со дијабетес, но, претпоставките се дека висок шеќер на гладно имаат 230 илјади пациенти. Што значи дека тие не се следени. Така што со рефoрмите, ако кај матичен лекар дојде пациент на 40-тина година за болка во грло, а изгледа обезен, матичниот лекар ќе може да го прати во лабораторија и да испита дали боледува од дијабетес. Нашите анализи исто така покажаа дека 25 отсто од регистрираните пациенти со хипертензија не примаат соодветна терапија. Во земјава се регистрирани  420 илјади пациенти, а се претпоставува дека се 530 илјади“, појасни д-р Мехмедовиќ.

    Пациентот ќе се упатува на специјалист, откако ќе бидат исцрпени сите средства кај матичниот лекар.

    Меѓу новините, рече д-р Мехемдовиќ, е дека и прегледот кај матичниот лекар ќе може да се закажува онлајн, секој индивидуално, преку Мој термин. Секако, вели тој, тоа нема да важи секаде и секогаш, т. е. во работата на матичните лекари со хронични пациенти и со итни случаи, ќе се остават термини за прегледи на останати пациенти.

    „Трансформирањето на системот на  примарната здравствена заштита (ПЗЗ)е во насока на модернизирање и интегрирање на услугите со други области на здравствениот систем, со посебен фокус на хроничните заболувања, како и трансформација на здравствениот систем од дијагностичко ориентиран – во пациент центричен систем. На овој начин се врши растоварување на секундарното и терциерното здравство, преку засилување на улогата на матичните лекари, како и намалување на административните процедури за препишување на хронична терапија“, кажа Меџити.

    Министерот  најави дека ќе биде овозможено поголем број лекари од општа пракса да имаат специјализација по семејна медицина, со цел пациентите да добијат што е можно повеќе здравствени услуги на едно место (ЕКГ, ЕХО, доплер, спирометрија, проширен ЛУ1 пакет и сл.)

    „Сите овие активности кои се дел од реформата на примарната здравствена заштита се реформска мерка и во Програмата за економски реформи на Владата за периодот 2023-2025, а доставен е и предлог да влезат во новата стратегија на Светска банка за партнерство со нашата држава за периодот 2024-2028“, кажа Меџити.

    Оваа недела ќе биде посветена на промоција на новините во системот на примарна здравствена заштита, отпечатени се информативни брошури со поддршка од Светската здравствена организација (СЗО), а завршена е и едукацијата за 700 матични лекари за новиот правилник за препишување лекови.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира