ОД 5 ПРИЈАВИ ЗА КОРУПЦИЈА И КРИМИНАЛ ОД ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА ЗА ЦЕЛА ГОДИНА ДО РУСКОВСКА, НИТУ ЕДНА НЕ Е ЗА ДРЖАВЕН ФУНКЦИОНЕР

    ОД 5 ПРИЈАВИ ЗА КОРУПЦИЈА И КРИМИНАЛ ОД ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА ЗА ЦЕЛА ГОДИНА ДО РУСКОВСКА, НИТУ ЕДНА НЕ Е ЗА ДРЖАВЕН ФУНКЦИОНЕРФинансиска полиција спроведува осомничени во Кривичниот суд. (Архивска фотографија)

    Со измислено вицепремиерско место за борба против корупција, Декларација за борба против корупција и со кампања која почна на големи ѕвона и е во тек, Македонија е на историски најниското 111. место во светот според индексот за перцепција на корупција на Транспаренси интернешенел, а во Обвинителството за организиран криминал и корупција за цела година стигнале само 9 пријави од Финансиската полиција.

    Од нив, само 5 ја погодиле адресата. Пријавените се обични граѓани, нема против носител на јавна функција.

    Управата за финансиска полиција е главниот орган на откривање на корупција и таа треба да ги храни обвинителствата кои потоа отвораат истраги, ги ангажираат истражителите и сите ресурси, поднесуваат обвиненија пред судовите. Нема откриена корупција – нема истрага, нема обвиненија, нема судења, нема осудени носители на јавни функции, никој од нив не е в затвор.

    Од 9 кривични пријави за финансиски криминал, на Обвинителството за организиран криминал на маса му останале само 5, зашто 4 вратило во ОЈО Скопје, поради ненадлежност, односно погрешна адреса на пријавата.

    Од вкупно петте пријави до ОЈО за организиран криминал, ниту една не е за висок функционер од власта, одговори Обвинителството за САКАМДАКАЖАМ.МК. Ова е учинокот на еден од најважните органи на откривање на корупција од висок профил.

    Обвинителството е орган на гонење на организиран криминал и корупција и ако нема кривични пријави од Финансиската  полиција и од Одделот за организиран криминал во МВР, нема уште долго време да има истраги, па ни обвиненија против високи функционери, директори, градоначалници…

    Со ваква мизерна статистика, долго ќе нема ни судски процеси за обвинети функционери, башка што ни судот не е кадарен да ги завршува брзо ваквите судења, имајќи го предвид искуството од она што се случи со предметите на поранешното СЈО во кое се обвинети поранешни највисоки функционери од власта.

    Во Обвинителството за гонење организиран криминал ни одговорија дека обемот на работа за гонење на финансиски криминал и корупција најмногу им доаѓа од пријави што ги поднесува секторот за економски криминал од МВР и од истраги што ги отвара Обвинителството, по допрен глас. Иако, велат оттаму, ни МВР не е на посакуваното ниво. Најслаба е статистиката од Управата за финансиска полиција (УФП).

    Директор на УФП е Арафат Муареми, именуван од Владата, кадар на СДСМ. Последен откриен „звучен“ случај на Финансиската  полиција беше тој со сомнителната продажба на ниви на ЕВН Електрани, од блиски луѓе на политичка партија, кои ги купиле по багателни цени, а ги продале на компанијата за многу повисоки суми за метар квадратен.

    Освен нервоза во Јавното обвинителство дека баш на денот на гласањето на локалните избори беше објавена оваа истрага на Финансиската полиција, до денеска нема известување оттаму до каде е овој случај, има ли осомничени за криминал, каде е направен криминалот и против кои иницијали (против кои лица од политичката партија).

    Петте кривични пријави поднесени од Финансиската полиција за кои е надлежно Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, се против 11 лица. Четирите кои се вратени во надлежност на Скопското обвинителство, биле против 6 лица.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира