ОД ДЕНЕСКА ГРАЃАНИТЕ НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПЛАШАТ ДА ПОДНЕСАТ ТУЖБА ИЛИ ЖАЛБА ДО СУД, СУДСКАТА ТАКСА СЕ НАМАЛУВА ДО 8 ПАТИ

    ОД ДЕНЕСКА ГРАЃАНИТЕ НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПЛАШАТ ДА ПОДНЕСАТ ТУЖБА ИЛИ ЖАЛБА ДО СУД, СУДСКАТА ТАКСА СЕ НАМАЛУВА ДО 8 ПАТИСпоред министерот за правда Бојан Маричиќ, судските такси беа високи, а луѓето на кои им беше потребна правда, многу пати се откажуваа да ја бараат во судниците. (Фото: СДК.МК)

    Граѓаните кои не можеа да дојдат до правдата, да поднесат тужба или да се жалат ако е пресудено во нивна штета, не треба веќе да имаат уплав од скапите судски такси, зашто тие се намалуваат и до 8 пати. „Не одам по судови, ќе си платам колку треба, ѓавол и пол ќе ме чини ако се жалам“, се жалеа луѓето кои беа финансиски немоќни пред високите судски такси кои чинеа и до 48.000 денари.

    Сега, највисоката судска такса, за највисоката вредност во судските спорови ќе биде 6.000 денари, за разлика од досегашниот рекорд од 48.000 денари.

    На пример, ако некој ни должи 15.000 илјади евра, почнуваме парнична постапка во граѓански суд. Судската такса е 2 отсто од вредноста на спорот. По старата такса, требаше да платиме 18.600 денари судска такса. По новата, ќе платиме само 6.000 денари.

    Денеска министерот за правда Бојан Маричиќ низ повеќе пресметки и примери, го означи почетокот на важење на новиот закон за судски такси, со кој граѓаните конечно добиваат големо намалување на трошоците кои ги имаат во судовите.

    Судските такси се значително намалени. Ако во минатото тие можеа да изнесуваат и до 48.000 денари, сега нема да платите повеќе од 6.000. Трошоците за судските такси во првостепена постапка ќе се движат од 480 до најмногу 6.000 денари, во зависност од вредноста на спорот, рече министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција.

    Според Маричиќ, судските такси беа високи, а луѓето на кои им беше потребна правда, многу пати се откажуваа да ја бараат во судниците.

    „На пример, ако се тужи осигурителна компанија за надомест на штета во вредност од три милиони денари, судската такса која треба да се плати е два отсто од вредноста на спорот. Во овој случај граѓанинот-тужител ќе требаше за судски такси да го даде максималниот износ од 48.000 денари. Сега според донесените измени давачката ќе биде само 6.000 денари, односно осум пати помалку“, редеше примери Маричиќ на денешниот прес.

    Тој ги подучи граѓаните и за жалбите кога треба да ги поднесат, односно за сите редовни и вонредни правни лекови, во случај да не се задоволни од одлуката на основниот и од апелациониот суд.

    Ако е потребно да ја истерате правдината до крај и да ги искористите сите редовни и вонредни правни лекови, по старата тарифа за истиот спор ќе платевте вкупно 288.000 денари. Тужбата влече два отсто, одлуката два отсто, жалбата четири отсто, ревизијата четири отсто од вредноста на спорот. По новата судска такса, најмногу може да потрошите вкупно 36.000 денари или 252.000 помалку ако се жалите“, вели министерот за правда.

    Овие законски измени, рече тој, се направени во духот на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата, но и за обезбедување на функционална правна држава, нешто што го имаше ветено Владата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира