Од денеска може да се прими четвртата доза од вакцината против ковид-19, објави Комисијата за заразни болести по денешниот состанок, на кој се разгледувале заклучоците од Националната комисија за имунизација. Четвртата доза е достапна за сите лица над 18 години кои досега примиле три дози, а закажување на вакциналните пунктови не е потребно.
Вакцинацијата со четврта доза ќе се одвива со вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, а препорачаното растојание од третата доза е најмалку четири месеци.
Покрај сите лица над 60 години, таа особено се препорачува за хронично болни, пациенти на дијализа, лица со трансплантација, онколошки и имунокомпромитирани пациенти и за оние кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација.
Во Македонија моментално има 1.126 активни случаи на коронавирус, при што вчерашните бројки покажаа дека 23,3% од тестираните биле позитивни.