Од минатонеделните поројни дождови прокисна покривот на монтажната болница до Инфективна клиника, но тоа не е причина за затворањето на објектот, ниту да се шират драматични приказни, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ.
На социјалните мрежи се шири објава од еден од матичните лекари во земјава дека се затвора модуларната болница, оти „прокиснала и стигнала вода до струја“.
„Досега, три пати ја отвораме и затвораме монтажната болница. Болницата е затворена уште минатата недела. Има слободни места во зградите, затвораме болница оти мора максимално да ги користиме сите ресурси, посебно здравствените работници. Не знам од каде им се податоците за навлегување вода во сијаличките. Сега прво следи стандардната процедура, чистиме и дезинфицираме, па ќе се санира покривот“, ни изјави директорката.
На Инфективна клиника во моментов се хоспитализирани 90 ковид пациенти.
Монтажната болница е ставена на располагање од јуни 2020, има капацитет од 72 болнички кревети во дел стационар, плус амбулантски и тријажен простор, соби за одмор на персонал, тоалети за пациенти и персонал, гардеробери и соби за состаноци. Целата структура на монтажната болница е поврзана со топла врска со зградата на Клиниката за инфективни болести. Влезот е поставен централно на топлиот ходник до кој се пристапува директно со амбулантско возило.
Монтажната болница ја изгради велешката компанија „Брако“ за 14 дена, а за нејзината изградба швајцарската влада донираше 200.000 швајцарски франци.
Б. НЕСТОРОСКА