КОМПЈУТЕРЏИИ ЌАРИЛЕ 800. 000 ЕВРА ОД ЕКСТЕРНОТО

    КОМПЈУТЕРЏИИ ЌАРИЛЕ 800. 000 ЕВРА ОД ЕКСТЕРНОТОГодинава, иако беше укинато, од буџетот за екстерно тестирање веќе се потрошени 173 илјади евра. (архивска фотографија)

    За екстерното тестирање што изминативе години се спроведе во училиштата директно од буџетот биле потрошени речиси милион евра, од кои 685 илјади евра биле од Државниот испитен центар, а останатите од Министерството за образование кое ги правеше подготовките за почетокот на тестирањето.

    Најголем ќар имале ИТ администраторите кои биле ангажирани како надворешни лица, но и го изготвиле софтверот за тестирањето. Тие од Државниот испитен центар, институција што го спроведуваше екстерното тестирање од 2011 година па наваму, земале над 666 илјади евра. Уште 150 илјади евра платило Министерството за образование за изработка на софтверот за тестирање.

    Од податоците што ги добивме од Државниот испитен центар, се гледа дека годинава, иако тестирањето беше укинато, од буџетот веќе се потрошени 173 илјади евра. Од нив, 122 илјади евра биле исплатени за надворешни лица кои работеле на администрирање на ИТ и уште 50 илјади евра за надградба на софтвер. Останатите 1.000 евра, се за такси, патни трошоци и објавување на конкурси за ангажирање на контролори и набљудувачи.

    Најмногу пари за ИТ се излеале минатата година 216 илјади евра. 123 илјади евра за ИТ администрирање и 93 илјади евра за надградба на софтвер, а најмалку првата година кога за оваа ставка од буџетот биле дадени само 200 евра. Според податоците на Државниот испитен центар, во 2012 година ИТ услугите чинеле 1.000 евра, но наредни години овие услуги енормно поскапеле. Во 2013 г.- 116 илјади евра, во 2014 г. – 91 илјади евра, а во 2015 г. – 70 илјади евра.

    Истражувањето, пак, на невладината организација „Центар за управување со промени“ покажува дека екстерното чинело 2.3 милиони евра, и тука не се пресметани трошоците за последната 2017 година.
    „Двете битни претпоставки на кои се заснова анализата се однесуваат на степенот на извршување на буџетските средства за екстерното тестирање, односно бројот на вработени и работни часа во јавната администрација посветени на екстерното тестирање. Не се опфатени трошоци кои се направени во буџетските години пред 2011 година, а недостига и проценка на трошоците по вработен од неколку институции кои имаат надлежности во делот на екстерното тестирање. Така што, реалните трошоци поврзани со екстерното тестирање би можеле да бидат повисоки“, стои во извештајот на „Центар за управување со промени“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира