Нискобуџетната холандско-француска компанија „Трансавиа“ од март ќе почне со летови меѓу Амстердам и Скопје. Билетите се пуштени во продажба од денеска, соопшти авиокомпанијата.
Од септември 2008, кога престана да лета МАТ, ова ќе биде првпат аеродромот „Схипхол“ и македонскиот главен град да бидат поврзани со редовен авиопревоз.
Компанијата е подружница на групацијата „Ер Франс – КЛМ“. Првиот лет ќе биде на 2 март 2025. Ќе лета двапати неделно.
Оваа линија ќе биде конкуренција на „Визер“ кој ја поврзува Македонија и Холандија преку Ајндховен, град кој е на 125 километри од Амстердам. „Визер“ сега лета четири пати неделно до Ајндховен.
„Трансавиа“ не е непозната за македонскиот авиособраќај. Со оваа компанија беа организирани чартер летови за холандските туристи до Охрид уште во 1970-тите.