Од Специјалното јавно обвинителство за агенцијата Мета попладнево потврдиле дека до нив стигнале барања од адвокати на осомничени лица за кои се водат истраги, за запирање на постапката.
„Точна е информацијата дека е побарано од страна на адвокатите на осомничените да се стопира постапката и Ве известуваме дека овие барања се уште се предмет на разгледување од наша страна“, одговориле од кабинетот на Јанева.
Меѓу осомничените, според пишувањето на Мета се и поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, шефот на кабинет на поранешниот премиер Никола Груевски, Мартин Протоѓер и други високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со измените на Законот за помилување што во четвртокот ги изгласа Собранието, а денеска експресно ги потпиша претседателот Ѓорге Иванов од СЈО изјавиле: „Една од примарните цели на ова Јавно обвинителство е борбата против криминалот и корупцијата и секој закон кој што ни овозможува непречено да ги водиме истрагите е од клучно значење за нас“.