Следната недела ќе почне враќањето во земјава на првите пациенти кои се лекуваат во странство, а се во добра здравствена состојба, најави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
„Најавите се дека во текот на следната недела ќе почнат да се враќаат првите пациенти. Овие информации ги добиваме преку директна комуникација со местата каде што се сместени и од таму добиваме потврда дека нивната здравствена состојба е доволно добра за да може да се вратат“, изјави Муцунски на денешната прес-конференција.
Министерот Муцунски додаде дека во моментов 116 лица се лекуваат во странство, во 14 различни држави.
Како што кажа министерот, трошоците за лекувањето на овие 116 пациенти повредени во пожарот во Кочани се покриени од државите домаќини, додека трошоците за пат, сместување и целата логистика за семејствата на пациентите се покриени од македонската Влада.
Муцунски исто така се осврна на дезинформациите кои се појавуваат во врска со трошоците, истакнувајќи дека не ги смета за тенденциозни, имајќи предвид дека „целото општество доживува шок по трагедијата“ и дека „природна човечка реакција е да се сака да се помогне, поради што дел од граѓаните преземаат иницијативи за да помогнат“.