Од следната учебна година ќе се применува новиот концепт на државна матура кој е предвиден со неодамна усвоените измени на Законот за средно образование. Тој концепт предвидува полагање посебна државна матура за стручно, за гимназиско и за уметничко образование, кажа денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Петнаесет илјади матуранти денес полагаа испит по мајчин јазик, првиот од двата екстерни испити од државната матура. Дел од учениците полагаа во своите училишта, дел во амфитеатрите на најблиските факултети каде има соодветни услови за спроведување на процесот.
„Подолго време траеја подготовките. Се разговараше со училишните раководства, набљудувачите и тестаторите и верувам дека ќе се заложат да не се случуваат ситуации како во минатото, кога цели групи ученици препишуваа, имаа идентични точни и неточни одговори, идентични есеи и така натаму. Потсетувам дека регулативата е затегната, особено за оние за кои ќе биде утврдено дека прогледуваат низ прсти, нема да видат мобилен телефон во училницата, нема да забележат ливчиња, внесени учебници и така натаму. Верувам никој не сака негативни последици“, рече Јаневска, при посетата на Земјоделскиот факултет во Скопје, каде полагаат средношколците од СУГС „Марија Склодовска-Кири“.
Според министерката, нема потреба учениците да се обидуваат да се надмудруваат со системот. Матура се полага само со повторување на материјалот што веќе го совладале во четиригодишното образование.
„Со малку труд се заокружува овој последен чин од средното образование. Фатен препишувач си го стопира времето за цела една година, да не може да полага и да ја добие дипломата од која му зависи понатамошна едукација или вработување“, рече министерката.
Директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска-Михајловска рече дека од вкупниот број пријавени матуранти, 8.816 ученици се од средните стручни училишта, 5.966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.
Вториот екстерен предмет кој е изборен во зависност од видот на средното образование на ученикот, се полага на 11 јуни.
Оваа година за државната матура ангажирани се над 2.000 набљудувачи и 200 тестатори.
Резултатите ќе бидат објавени најдоцна еден месец по полагањето на вториот екстерен испит.