ОД ТРЕТ ОБИД ИЗГЛАСАНО НОВОТО МИНИСТЕРСТВО ЗА ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ И ОДНОСИ МЕЃУ ЗАЕДНИЦИТЕ

    ОД ТРЕТ ОБИД ИЗГЛАСАНО НОВОТО МИНИСТЕРСТВО ЗА ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ И ОДНОСИ МЕЃУ ЗАЕДНИЦИТЕСо законските измени, Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор продолжува да работи како Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. - Пратеникот Артан Груби и министерката за труд и социјала Мила Царовска (Фото: Ѓ. Личовски)

    По два неуспешни обиди поради немање кворум, денеска во Собранието беше изгласан Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа со кој се формира ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. За усвојување на законот, за кој е потребно двотретинско мнозинство, гласаа 80 пратеници.

    Со законските измени, Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор продолжува да работи како Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Вработените, опремата, документацијата и другите средства од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор се преземаат од Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

    Со Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор раководи вицепремиерот Хазби Лика, а во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе избере министер кој ќе раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Новиот закон ќе отпочне да се применува од 1 јуни 2019 година.

    Веднаш по овие законски измени, Собранието ги усвои и измените на Законот за Влада со кои се усогласува овој закон со Законот за организација и работа на органите на државната управа.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари