ОД УТРЕ ЗА ХРОНИЧНО БОЛНИТЕ РЕЦЕПТ ОД МАТИЧЕН ЛЕКАР ПО ТЕЛЕФОН, СЕ УКИНУВААТ ХАРТИЕНИТЕ РЕЦЕПТИ ЗА ЛЕКОВИ

    ОД УТРЕ ЗА ХРОНИЧНО БОЛНИТЕ РЕЦЕПТ ОД МАТИЧЕН ЛЕКАР ПО ТЕЛЕФОН, СЕ УКИНУВААТ ХАРТИЕНИТЕ РЕЦЕПТИ ЗА ЛЕКОВИХронично болните по телефон ќе му се јават на матичниот, овој ќе ги информира телефонски дека им е искреиран рецепт. Потоа, со документ за идентификација овие пациенти одат во аптека и го подигаат. Дадени се можности и друго лице место нив да го стори тоа, ако болниот не може. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Хронично болните од утре не мора да одат на матичен лекар за да им препише хартиен рецепт, со јавување по телефон тој веднаш ќе им искреира електронски рецепт за потребниот лек. Софтверски, тој е-рецепт се испраќа до 773-те аптеки во државата, со кои Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) има склучено договор.

    „Фондот за здравствено осигурување од утре, први мај, воведува препишување и издавање лекови преку е-рецепт, за хронично болните пациенти. Тие по телефон ќе му се јават на матичниот, овој ќе ги информира телефонски дека им е искреиран рецепт. Потоа, со документ за идентификација овие пациенти одат во аптека и го подигаат. Дадени се можности и друго лице место нив да го стори тоа, ако болниот не може“, рече денеска директорот на ФЗО Ден Дончев.

    Но, електронскиот рецепт ќе продолжи да функционира и по завршување на пандемијата со коронавирус.

    „Работиме на тоа електронски систем на издавање рецепти Фондот да воспостави за сите пациенти, односно за сите дијагнози и по завршување на пандемијата. Значи, во иднина да се исфрлат од употреба засекогаш хартиените рецепти, со што пациентите ќе добијат поефикасна и побрза здравствена заштита, нивните рецепти софтверски ќе бидат испратени до аптеките, а матичните лекари повеќе нема да губат време со оваа работа, ќе се бават со прегледи на други пациенти“, кажа Дончев.

    Тој смета дека процесот со е-рецепти ќе им ја забрза работата и на 773-те аптеки, 1.236 приватни здравствени установи (ПЗУ) од општа медицина, на 1.096 ПЗУ-а од стоматолошка и на 165 ПЗУ-а од гинеколошка област.

    Фондот вака полесно ќе ја следи состојбата со инвалидноста во државата и во реално време стручни лица ќе може да реагираат на злоупотреби со издавањето на лекови, рече Дончев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира