Од вечерва во притвор во Шутка се обвинетите во „Монструм” Фејзи Азири и Агим Исмаиловиќ, чиј брат Африм сè уште е во бегство заедно со Алил Демири, за петкратното убиство кај Смиљковското езеро пред осум ипол години.
Судењето кое по вторпат се одржува откако Врховниот суд го врати отпочеток, привршува. За Хаки Азири и Сами Љута, не беше побаран притвор. Азири треба место два пати неделно, секој ден да се јавува во Основниот кривичен суд Скопје.
Исмаиловиќ и Демири избегаа веднаш по петкратното убиство, во кое настрадаа 4 момчиња другари, на возраст од 18 до 21 година и рибар кој се затекнал на местото на масакрот.
Засега сите се обвинети за тероризам.
Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција во предметот „Монструм” им одреди притвор на двајцата од обвинетите, поради опасност од бегство.
Притворот бил изречен по денешното судење, на предлог на ОЈО за организиран криминал и корупција, застапувано на ова судење од обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Судијата Огнен Ставрев ги пушти дома сите обвинети, откако денес утврди дека нема услови да се одржи судското рочиште, па барањето за притвор го симна на одлучување кај кривичен совет.
САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека по носењето одлука за притвор против Азири и Исмаиловиќ, полицијата отишла дома кај Агим Исмаиловиќ, но не го нашла дома. Настанала паника во МВР и во судот дека и тој избегал како брат му. Потоа се појавил, кажал дека отишол во џамија. Азири кој беше на отслужување друга затворска казна во полуотворено затворско одделение, исто така вечерва е однесен во Шутка. Двајцата таму ќе бидат до изрекување на првостепената пресуда.
С. К. ДЕЛЕВСКА