Лидерот на Сојузот на Ромите Амди Бајрам, поранешен коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, на денешните пратенички прашања во Собранието го пофали премиерот Зоран Заев дека за првпат некој премиер му одговорил како што треба.
„За првпат еден премиер ми одговорил како што треба на пратеничките прашања, се гледа дека вие се залагате за народот и како терате, ќе бидете добар за секого“, рече пратеникот Амди Бајрам од собраниската говорница.
Пратеникот Амди Бајрам побара од владата да помогне во градење споменик на починатата кралица на ромската музика Есма Реџепова Теодосиевска.
Премиерот Зоран Заев рече дека првпат слуша дека има барање за подигање споменик на Есма.
„Тоа е недозволиво, бидејќи Есма заслужува достоинствено да се одбележи нејзиното дело. Владата има средства за тоа, а јас лично ќе се заложам кај пратениците и кај фондацијата ‘Есма и Стево Теодосиевски’ да се зачуваат името и делото на Есма Реџепова“, рече Заев.
Сојузот на Ромите, чии лидер е Амди Бајрам речиси десет години беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а по локалните избори во октомври 2017 година, ја напушта коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и ја поддржува владата на СДСМ.
Бајрам, на митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово пред изборите во 2014 година, го нарече Заев Зајко Кукурајко и кажа дека ќе го улови со морков и ќе го стави „каде треба, позади“.