Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев го одби предлогот на Гордана Јанкулоска, обвинета во „Тенк“ за нелегална набавка на мерцедесот од 600 илјади евра, за изземање на судијката Добрила Кацарска.
Јанкулоска утринава поднесе барање за изземање на Кацарска поради закажување на осум рочишта во еден месец додека обвинетата ексминистерка Јанкулоска уште не беше во издвоена постапка во „Тенк“ за луксузниот мерцедес и за цитатот во пресудата: „Јанкулоска со умисла го поттикнала Поповски да ја злоупотреби службената положба и овластувањата“.
Јанкулоска во поднесокот за изземање навела и дека односот на Кацарска кон неа не бил вообичаен како со останатите обвинети, туку дека судијката имала нетрпеливост и предрасуди кон неа.
Кацарска ја издвои Јанкулоска во посебна постапка уште пред да се породи. Засега таа ѝ дава двоиполчасовни паузи за доенчето, но како и претходно за Никола Груевски и за Ѓоко Поповски, и овојпат таа закажа повеќе рочишта однапред, недозволувајќи како во случајот со некои од нејзините колеги судии, предметот да ѝ се развлече до недоглед.
С. К. ДЕЛЕВСКА