Судско рочиште против притворениот новинар Зоран Божиновски, како дел од случајот „Шпион“, денеска повторно беше одложено, овојпат бидејќи, како што соопштија од Судот, судијката што го води предметот Сандра Крстиќ од лични и семејни причини побарала да биде прераспоредена во друг оддел, како не би дошло до одолговлекување на судските постапки и итно постапување на притворските предмети. На нејзиното место е префрлена да постапува по предметите судијката Ленка Давиткова.
Минатата недела, Здружението на новинари на Македонија соопшти дека Божиновски почнал штрајк со глад на 14 септември поради продолжување на притворот и оддолжување на судскиот процес. Претходно, на 1 септември, кога беше одложено првото судско рочиште, ЗНМ протестираше пред Судот, барајќи негово ослободување од притвор.
Како дел од случајот „Шпион“, Божиновски е обвинет за шпионажа, злосторничко здружување и уцена, но бидејќи беше недостапен за органите на прогонот додека траеше постапката за останатите 18 лица, Обвинителството за организиран криминал води посебна постапка. Божиновски е во притвор од 21 април, кога беше екстрадиран од Србија.
Специјалното јавно обвинителство, кое веќе го застапува во втор степен случајот „Шпион“, ја бара надлежноста и врз предметот на Зоран Божиновски, која сѐ уште е во Обвинителството за организиран криминал на Марко Зврлевски и на Јован Илиевски, бидејќи Советот на јавни обвинители одлучи дека СЈО немало надлежност.
Во меѓувреме, од Основниот суд Скопје 1 информираа дека двајца обвинети во случајот „Шпион“, Миќо Насковски и Цветан Дамјановски, вчера доцна попладне биле пуштени од притвор. Во соопштението се наведува дека Апелацискиот суд во Скопје доставил решение со кое на Насковски и на Дамјановски им се укинува мерката притвор.