Премиерот Зоран Заев рече дека на референдумот за името на 30 септември одлучуваат тие што гласаат, а тие што не гласаат не се ни бројат.
„Одлучуваат тие што гласаат. Тие што не гласаат не се ни бројат. Верувам дека гласот на граѓаните, она што е нивна определба, е правец по кој ќе се движат политичките состојби во Македонија. Нашите одлуки се безвредни ако граѓаните не ги поддржат и гласаат, тие го имаат последниот збор“, одговори Заев на новинарско прашање дали референдумот ќе биде успешен, на денешната прес-конференција во Владата.
Премиерот Заев го повтори ставот дека референдумот за името како идеја потекнува од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние се согласувме со ВМРО-ДПМНЕ за речиси сè и така ќе постапиме. Јас ќе излезам на 30 септември и ќе гласам ‘за’. Треба и другите лидери да го кажат својот став. Ако мнозинството од гласови на референдумот се ‘против’ тогаш ние ќе го поништиме договорот со Грција, но ако мнозинството се ‘за’ тогаш ние треба и ќе ја следиме насоката која граѓаните ни ја даваат“, рече Заев.
Г. ТРПЕНОСКИ