ОДНЕСУВАЊЕТО НА БУГАРИЈА НЕ ВЛЕВА ОПТИМИЗАМ, НО ВЕ УВЕРУВАМ ДЕКА МОЖЕМЕ ДА ИМАМЕ ДОБРИ ОДНОСИ, КАЖА БУЈАР ОСМАНИ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ

    ОДНЕСУВАЊЕТО НА БУГАРИЈА НЕ ВЛЕВА ОПТИМИЗАМ, НО ВЕ УВЕРУВАМ ДЕКА МОЖЕМЕ ДА ИМАМЕ ДОБРИ ОДНОСИ, КАЖА БУЈАР ОСМАНИ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕОсмани го пофали германското претседателство со ЕУ, за кое рече дека до последен момент се бореше за оформување на преговарачката рамка. (Фото: МИА)

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека како прв приоритет во неговиот мандат ги поставил добрососедските односи, иако, како што кажа тој, поради однесувањето на Бугарија, оваа амбиција не влева оптимизам, туку повеќе делува утопистичка и неостварлива.

    „Но, ве уверувам, тоа не е така. Не случајно мојата прва официјална посета беше токму Софија, и од тогаш наваму комуникацијата меѓу министерствата за надворешни работи, воопшто меѓу двете држави постојано се интензивира на повеќе нивоа“, кажа Османи, кој денеска даваше отчет за својата работа пред собраниската Комисија за надворешни работи.

    Османи додаде дека биле  разменети бројни документи во форма на предлог-меморандуми, нон-пејпери, предлог декларации, како креативна можност да се најде компромис кој ќе врати довербата во процесот без да предизвика нарушување на идентитетските атрибути на македонскиот народ и македонскиот јазик.

    „оваа црвена линија не само што никогаш не сме ја преминале, туку под целосна одговорност ви тврдам дека за овие прашања никогаш не сме ни преговарале“, рече Османи.

    Тој потсети дека поради нерешените прашања со Бугарија се случи неуспехот на Советот на ЕУ да ја утврди содржината на преговарачката рамка, а потоа не беа усвоени ниту заклучоците наменети за целиот Западен Балкан. Османи го пофали германското претседателство, за кое рече дека до последен момент се бореше за оформување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија.

    „Фокусот во моментов е секако на Бугарија. Сѐ уште најдобрата опција останува со добра волја да се интензивира спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и враќање на довербата од страна на Бугарија во неговата ефикасност и имплементација. И покрај моменталните предизвици во билатералните односи, во фокусот на соработката во наредниот период ќе биде продолжувањето на политичките консултации меѓу двете министерства, зачестени официјални посети и средби на високо и највисоко ниво. Во овој процес ние мора да најдеме начин да се ослободиме од наметнатите наративи на некои минати сојузи во кои биле двете држави, за да ги ослободиме новите генерации кои треба да живеат во новите заеднички сојузи под капата на НАТО и ЕУ“, кажа Османи пред пратениците.

    Од аспект на поширокиот меѓународен контекст, Османи рече дека стратешкото партнерство со САД претставува еден од најважните столбови на нашата дипломатија, како нераскинлив дел од севкупната државна стратегија.

    Тој се заблагодари на досегашната администрација на Доналд Трамп и очекува за континуитет на нашето стратешко партнерство и од следната администрација предводена од Џо Бајден.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира