Шарената револуција го почна вечерашниот поход. Со транспаренти „Ограбената топла доаѓа“ и „Трошите за чоколади, а ние немаме ни за леб“ во моментов демонстрантите минуваат покрај Собранието на Република Македонија. Одат кон Управата за јавни приходи.
Граѓанското движење „Протестирам“ вечерашните протести ги посветува на јавниот долг. Последниве седум години, според „Протестирам“, јавниот долг е двојно поголем од инвестициите. Организаторите го наведоа зголемувањето на јавниот долг во случај некому да му треба посебна причина за да излезат на протест.
Движењето „Протестирам“ организира демонстрации ширум Македонија од 12 април. Демонстрантите бараат повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата и формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе. а