Граѓани чии домови биле ограбени, по цел ден чекаат да дојдат на увид единиците од Министерството за внатрешни работи. Поради зголемиот број кражби карактеристично за летните месеци, екипите од Единицата за увид на местото на настан и анализи, не можат да постигнат навремено да одговорат на повиците на граѓаните.
Граѓани кои се јавија во редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека откако се јавиле во МРВ да пријават оти нивниот дом е ограбен, половина ден чекале да стигнат екипите на крим техника.
„Не смеевме да влеземе внатре во куќата која беше ограбена за да не уништиме некој доказ. До доцна вечерта надвор чекавме да дојдат екипите и да направат увид. Ни рекоа дека сме имале среќа, се чекало и повеќе бидејќи немаат доволно екипи“, вели скопјанка со која контактиравме.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека Единицата за увид на местото на настан и анализа има доволен број екипи за подрачјето на град Скопје, но во летниот период не можат навремено да стигнат на сите повици, бидејќи има голем број кражни.
„Имајќи ја в предвид големината на теренот, временскиот период од годината како и специфичноста на работата на истите, може да се случи во одредени ситуации екипите да пристигнат со задоцнување. Во соработка со заедницата и забелешките на граѓаните за работењето на полицијата, Министерството за внатрешни работи прави анализи и работи на преземање на конкретни чекори за подобрување на ефикасноста при полициското постапување и работење“, велат од МВР.
Според податоците на Министерството, во изминатите два месеца, односно во јуни и јули, на територијата на град Скопје регистрирани се 2.542 кражби, односно во просек по 40 кражби на ден. Во јуни извршени се 1.277 вакви кривични дела од кои 348 кражба, 906 тешка кражба и 23 разбојнички кражби. Во јули речиси ист е бројот на овие кривични дела 1.265, односно 388 кражби, 838 тешки кражби и 39 разбојнички кражби. МВР досега повела постапка против 670 лица кои го извршиле ова кривично дело.
„СВР Скопје презема мерки и активности во насока на превенција и едукација на граѓаните, откривање и квалификација на пријавени кривично – правни настани, идентификација на сторителите на кривичните дела, обезбедување на материјални докази и преземање на активности за нивно кривично гонење. Општата цел е зголeмена информираност и подобрување на безбедносната состојба на подрачјето на СВР Скопје. Целта на превентивните активности е да се намали бројот на кривичните дела од имотните деликти над граѓаните, како и подигнување на свеста кај истите и превземање на мерки за самозаштита“, додаваат од МВР.
А. АНТЕВСКА