Постои опасност Охридскиот регион, наместо на листата на светско културно и природно наследство на УНЕСКО, во февруари следната година да се најде на листата на загрозено наследство, предупредија денеска две невладини организации.
Еколошките организации „Фронт 21/42“ и „Еко-свест“ поднесоа жалба до постојниот комитет на Бернската конвенција на Советот на Европа за да се отвори случај, со барање да се стави мораториум на штетните проекти на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица. Тие оваа жалба ја поднесуваат, бидејќи надлежните локални и централни власти се оглушиле на препораките од УНЕСКО да се запрат проектите и да се направи нов мониторинг. Тие предупредуваат дека е можно веќе на почетокот на идната година Охрид да биде избришан од списокот на УНЕСКО.
“Жалбата до постојниот комитет на Бернската конвенција ја поднесовме денес, бидејќи Македонија е потписник на Конвенцијата, а ако се реализираат проектите сериозно ќе биде загрозен опстанокот на многу животински и растителни видови, како и нивните живеалишта. Ова е втора ваква жалба што ја поднесуваме. Првата беше за проектите во Националниот парк Маврово, конкретно за проектот Бошков мост, и откако Бернската конвенција отвори случај и даде препораки, Европската банка за обнова и развој стави мораториум на одобрениот кредит“, рече Александра Бујаровска, од Фронт 21/42.
Таа објасни дека се надеваат дека Советот на Европа следната година ќе отвори случај по нивната жалба, бидејќи Европската банка за обнова и развој е заинтересирана до го финансира проектот за експресен пат од Охрид до Пештани.
“Сметаме дека овој пат ќе ја наруши животната средина и природното наследство, бидејќи ќе се прави пат кој оди преку Галичица, ама завршува во Пештани, односно не продолжува кон Албанија. Им нудиме алтернатива, односно одржлив транспорт во Националниот парк Галичица, со тоа што ќе се воведат автобуски линии, изградба на специјална пешачка и велосипедска патека меѓу Охрид и Свети Наум, подобрување на водниот сообраќај преку соларни или електрични чамци, воведување такси служба со хибридни автомобили“, рече Ана Чоловиќ Лешоска од “Еко-свест“.
Според екологистите спорни се и другите планирани проекти во Охрид и на брегот на езерото, како што се пресушување на Студенчишкото блато заради изградба на комплекс на луксузни апартмани, уништување на природниот брег и сечење на трската кај Лагадин заради изградба на бетонска платформа, намалување на степенот на заштита на изворите кај Свети Наум заради изградба на огромен туристички комплекс од Љубаништа до Свети Наум, промена на заштитата на Галичица заради изградба на ски центар, викенд населба и хотел.
“Почнуваме кампања со која сакаме да ја подигнеме јавната свест и кај луѓето и кај оние што носат одлуки, бидејќи сметаме дека не знаат што ќе изгубиме, ако се реализираат овие проекти. Ако се уништи Студенчишко блато, кажете му Збогум на езерото, кое е едно од 35 места во светот по својата реткост и богатството со ендемични видови. Ски центарот што се планира на Галичица почнувајќи од Градиште па нагоре, не знаат дека на таа страна од планината ни во зима нема снег. Не сфаќаат дека Охрид не е за масовен туризам“, рече Бујаровска.
Од новиот парламентарен состав невладите организации ќе бараат да се изјасни дали сакаат да го зачуваат единственото подрачје во Македонија што е под заштита на Унеско.
В. ТРАЈКОВ