ОПЕЛОТ СМЕ ГО ЗЕМАЛЕ ЗА ПРОВЕРКА ЗАШТО БИЛ ПАРКИРАН И НАПУШТЕН, НЕМАВМЕ НИКАКВИ СОЗНАНИЈА ДЕКА БЕГАЛЕ УБИЈЦИ СО НЕГО, СВЕДОЧЕШЕ ПОРАНЕШЕН НАЧАЛНИК ВО МВР НА „МОНСТРУМ“

    ОПЕЛОТ СМЕ ГО ЗЕМАЛЕ ЗА ПРОВЕРКА ЗАШТО БИЛ ПАРКИРАН И НАПУШТЕН, НЕМАВМЕ НИКАКВИ СОЗНАНИЈА ДЕКА БЕГАЛЕ УБИЈЦИ СО НЕГО, СВЕДОЧЕШЕ ПОРАНЕШЕН НАЧАЛНИК ВО МВР НА „МОНСТРУМ“На судењето за „Монструм“ се испитува последната серија на сведоци на обвинителството, со која треба да се расчисти главниот проблем - како се случило толку брзо да го најдат возилото кога уште МВР немало ни осомничени. - Од увидот во возилото „Опел омега“, кое е клучен доказ во „Монструм“ во депото на Агенцијата за управување со запленет имот на 11 септември 2018 (Фото: СДК.МК)

    Ивица Вучевски, сега виш инспектор во Бирото за јавна безбедност, а за време на петкратното убиство на 12.04.2012 кај Смиљковско езеро началник на единица за насилен криминал на СВР-Скопје, надлежна за ваков вид криминал на денешното судење за случајот „Монструм” беше испрашуван од обвинителите и од обвинетите околу клучниот проблем, најдениот “Опел омега”, главен доказ за наоѓање на сторителите.

    Додека за обвинителството трагите и доказите потврдени со ДНК, земени од возилото се клучниот доказ за лицата кои ги убија четирите деца и рибарот, одбраната и во повтореното судење сака да докаже дека возилото и доказите во него го подметнале безбедносните служби.

    Ова е последна серија на сведоци на обвинителството, со која треба да се расчисти главниот проблем – како се случило толку брзо да го најдат возилото кога уште МВР немало ни осомничени, кој го видел прв, кој и каде дојавил, кој отишол првин во Вражји вир да го види возилото, да го товари, земе, однесе во МВР, зошто токму тоа возило, дали крим-техника испитувала и други сомнителни возила…

    „Ние не сме знаеле дали е тоа возило со кое бегал некој по сторено кривично дело или не. Ние го земавме на испитување зашто било паркирано и напуштено”, кажа Вучевски.

    По петкратното убиство, одговараше тој на прашања од обвинителката Фатиме Фетаи, единицата излегла на местото на настанот. Наредниот ден се направил план, се вклучиле и нивни колеги од организиран криминал, кои ја презеле надлежноста. Се вршеле стандардни мерки, претреси итн.

    „По ваша наредба, на 13 април, возилото ‘Опел омега’ било донесено во кругот на МВР на натамошна обработка. Кажете ни сè за тоа”, побара од него Фетаи.

    „Не се сеќавам многу, но добив дојава од Центарот за известување и командување дека е најдено сомнително возило кај Вражји вир, близу косовската граница. Мислам дека Граничната полиција го видела и пријавила во ЦИК, односно колега кога се враќал од работа”, сведочеше Вучевски.

    „Тоа е неспорно. Но како вие го поврзавте со овој настан?”, бараше прецизирање обвинителката.

    „Не сме имале сознание дека сигурно тоа е возилото од ‘Монструм’. Дали се бараа и други сомнителни возила не сум 100 отсто сигурен, но знам дека преку безбедносни камери се проверуваа и други”, рече сведокот.

    Судењето продолжува на 10 септември, кога завршува листата на сведоци на обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски. Потоа обвинетите ќе викаат свои сведоци, кои по бројка никако не се колку на обвинителството.

    Материјалните докази се одамна презентирани. „Монструм“, кој се одржува по вторпат, привршува.

    За главните обвинети, Алајдин Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во бегство, и новиот косовски министер за правда нема чекор направено за екстрадицијата што ја бара со години нашето Министерство за правда. Не се кажува ни дали се чека исходот на повтореното судење, за кое така одлучи Врховниот суд, поради недостатоци во постапката на собирање на доказите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира