ОПОЖАРЕНИ ДИВИ ДЕПОНИИ ГИ ТРУЈАТ ЃОРЧЕ И КАРПОШ, ПОКАЖА ВОНРЕДНАТА КОНТРОЛА НА ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА

    ОПОЖАРЕНИ ДИВИ ДЕПОНИИ ГИ ТРУЈАТ ЃОРЧЕ И КАРПОШ, ПОКАЖА ВОНРЕДНАТА КОНТРОЛА НА ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНАДржавниот инспекторат за животна средина најави дека и во иднина же има засилени вонредни контроли. (фото:ДИЖС)

    Вонредната ноќна контрола, што Државниот инспекторат за животна средина ја спроведе во петокот во Карпош и Ѓорче Петров, покажа дека непријатната миризба што се чувствува во овие општини во ноќните часови доаѓа од опожарени диви депонии.

    „Од вонредниот надзор констатиравме дека на сите локации постојат диви сметлишта на разновиден комунален смет, кој на места е опожарен. На две локации позади Аква Парк кај хотел Александар Палас и спроти болницата 8-ми Септември се изградени импровизирани живеалишта. Правните субјекти кои подлежат на А интегрирана дозвола за работа , односно компаниите Адинг и Алкалоид – Ѓорче Петров, исто така беа контролирани при вонредниот надзор. Констатирано е дека во двете инсталции нема работен процес. Сите складови за секундарни суровини на овој потег беа затворени, односно воопшто не работеа. При надзорот не беше евидентирана никаква активност од правните субјекти кои се на територијата на двете општини“, велат од Државниот инспекторат за животна средина.

    Овој вонреден надзор Инспекторатот го направил по поплаки и претставки од граѓани и здруженија на граѓани дека во Карпош и Ѓорче Петров често се чувтсвува непријатна миризба во воздухот, особено по полноќ па до раните утрински часови. Надзорот е направен во петокот во период од 1.30 до 6.30 часот.

    „Согласно нашите ингеренции ќе се обратиме до надлежните општини за да ги расчистат дивите депонии во најкус можен рок. Вакви засилени акции ќе продолжат и во наредниот период“, вели Мирослав Богдановски, в.д. директор на Државниот инспекторат за животна средина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира