Пратеничката група на СДСМ следната недела во Собранието ќе ги поднесе предлог-законите за стечајци, укинување на радиодифузната такса и за минимална плата за кожарските и текстилните работници, најави координаторот Томислав Тунтев. Тој побара од опозицијата да не го блокира донесувањето на овие закони, како што го блокираше разрешувањето на државниот обвинител Марко Зврлевски, бидејќи, како што кажа, интересот на граѓаните треба да биде ставен над партискиот интерес.
„Поучени од искуството со разрешувањето на Марко Зврлевски, можно е пак да има блокада, но сега се работи за интересот на граѓаните и бараме поддршка од сите пратенички групи“, изјави Тунтев.
Предлог-законите се поднесуваат во скратена постапка и за нив се обезбедени средства со ребалансот на буџетот, додаде координаторот на пратеничката група на СДСМ.
Г. ТРПЕНОСКИ