Државниот министер за Европа во германското министерство за надворешни работи Михаел Рот кажа дека првите чекори на Владата се во вистинска насока и ја повика опозицијата да се вклучи во процесот на нивното спроведување за да се напредува на патот на евроинтеграциите на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
„Првите чекори на Владата се во вистинска насока, но потребно е и опозицијата да се вклучи во процесот на нивното спроведување за да се напредува на патот на евроинтеграциите, а за тоа ја имате поддршката од Германија. Новата Влада воведе мноштво мерки кои што треба да создадат повторно доверба, меѓу другото, и со Грција, но и со Бугарија. Сметам дека тоа е вистинскиот правец. Сигурен сум дека македонската Влада и понатаму ќе работи на намалување на тензиите и на градењето доверба“, изјави Рот.
Министерот Димитров, пак, запрашан за договорот за добрососедство со Бугарија, рече дека сè уште е рано да се објават детали од договорот и дека соопштувањето на прецизни формулации може да влијае на консултациите.
„Она што можам да го кажам е дека и македонската страна и бугарската страна се раководеа од начелото ‘ако те уништам тебе, ќе се уништам и себе’. Базата за компромис што ја постигнавме е добра основа да се потпише текст што и ние и Бугарија со горда и исправена глава ќе го потпишеме. Тоа беше целта и мислам дека двете делегации ги напуштија преговорите со чувство дека во рамките на околностите направивме максимум“, изјави Димитров.