Претседателот на Собранието Талат Џафери искажа разочарување од потезите на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ што на различни начини ја блокира нормалната работа на Собранието. Џафери зборуваше за Собранието во реформскиот владин план 3-6-9 на Комисијата за европски прашања, пред премиерот Зоран Заев и најрелевантните амбасадори и дипломатски претставници во земјава.
„Некои потези на опозицијата во Парламентот, кои ги гледаат народот и претставниците на меѓународната заедница овие денови, не ѝ помагаат на Македонија во зачленувањето во ЕУ и НАТО”, рече Џафери. „Но јас сум должен да обезведам нормално функционирање на Собранието”, потсети тој.
Претходно, тој кажа дека со планот 3-6-9 Собранието добива поголема моќ за контрола врз Владата и оти ќе биде преку комисиите вклучено во реформите на безбедносниот систем цело време, а не само во гласањето измени на законите.
Џафери рече и дека му е драго што се реактивира и Клубот на пратенички.
„Старите не за џабе рекле: Трите столбови на куќата ги држи жената. Очекувам свежи идеи од Клубот на жени пратенички“, рече спикерот Џафери.
С. К. ДЕЛЕВСКА