Метју Палмер, в.д. заменик-помошник на Државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, на опозицијата ѝ кажал да размисли сериозно што нуди Преспанскиот договор како европска иднина за Македонија и да најде начин како да ја поддржи оваа европска иднина.
„Да гледаат на работите стратешки, да размислат што е најсветла иднина за македонските граѓани, посебно за младите, и сериозно да размислат што нуди Преспанскиот договор како европска иднина за Македонија, што отвора како можности и да најдат начин како да ја поддржат оваа европска иднина“, кажа Палмер, одговарајќи на новинарско прашање каква порака имал за опозицијата по денешните средби со претседателот Ѓорге Иванов, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и премиерот Зоран Заев.
Американскиот дипломат го нарече референдумот за Договорот од Преспа историски момент за Македонија и се надева дека граѓаните ќе излезат да гласаат да го кажат својот став.
„Референдумот на 30 септември ќе биде важен датум. Се надеваме дека граѓаните ќе излезат да гласаат да го кажат својот став и дека ќе го направат тоа во атмосфера ослободена од дезинформации и обесхрабрување. Ова е навистина историски момент за Македонија и Договорот од Преспа ја отвора европската иднина за Македонија“, рече Палмер по средбата со Заев.
На референдумот на 30 септември ќе се одговара на прашањето „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.
Г. ТРПЕНОСКИ