ОПШТИНА МАВРОВО ЈА ИЗБРИШАЛА БАЗАТА ЗА ПЛАТЕНИ ДАНОЦИ, ПА ПРЕСТАНАЛА ДА СОБИРА, НЕ ОБЈАВУВА ТЕНДЕРИ, A ДИВОГРАДБИТЕ НЕ МОЖЕ ДА ГИ ДОБРОИ, АЛАРМИРА ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

    ОПШТИНА МАВРОВО ЈА ИЗБРИШАЛА БАЗАТА ЗА ПЛАТЕНИ ДАНОЦИ, ПА ПРЕСТАНАЛА ДА СОБИРА, НЕ ОБЈАВУВА ТЕНДЕРИ, A ДИВОГРАДБИТЕ НЕ МОЖЕ ДА ГИ ДОБРОИ, АЛАРМИРА ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈАПо извршените инспекциски надзори и издадените решенија за рушење на бесправно изградени објекти, општината не преземала активности за нивно административно спроведување. (Фото:СДК.МК)

    Општина Маврово го избришала компјутерскиот систем за даноци на имот, не ги урива дивоградбите, не наплаќа комуналии за нови викендички, не може да донесе нов урбанистички план, зашто нејќе прво да го репрогласи Националниот парк, не си ги побарува парите дури и таму кај што треба да наплати, троши пари без да распише тендери, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР).

    Поради губење на базата на податоци за данокот на имот со бришење на целиот компјутерски систем за евиденција, во периодот од 2013 до 2018 година, општината не издавала решенија за данок на имот, а од 2018 година, пристапено е кон поединечно внесување на решенија и со прибирање на податоци за обврзниците при промет на недвижноста, наследство и подарок. Бројот на обврзници и на издадени решенија е зголемен од два милиона денари во 2019 година до три милиони денари во 2023 година. Поради некомплетната база на податоци и неиздадените решенија за данок на имот на сите обврзници, не е испочитувана законската обврска за водење регистар на недвижен имот кој подлежи на оданочување“, вели Државниот завод за ревизија.

    Општината не остварува приходи по основ на комунални такси за поставување на рекламни паноа, користење на простор пред деловни простории и поставување на урбана опрема, а не остварува приходи и од надоместок за одржување на јавната чистота.

    За реализација на програмските активности за 2023 година на Јавното претпријатие за комунални дејности „Маврово“, општината нема издвоено буџетски средства ниту е склучен договор за уредување на меѓусебните права и обврски.

    Незавршената ревалоризација на националниот парк Маврово и суспендираните урбанистички планови влијаат на работењето на општината и зголемениот број на бесправно изградени објекти. Општината не може да пристапи кон изработка на нови урбанистички планови сѐ додека не се донесе Закон за репрогласување на Национален парк Маврово и не се усвојат зоните на заштита, додека состојбите на немање на урбанистички планови и неможноста да се издаваат решенија за градење придонеле на територијата на општината да се изградат голем број на бесправно изградени објекти“, продолжува ДЗР со неверојатната состојба во една од најубавите општини во Македонија.

    И покрај тоа што постапката за ревалоризација на Националниот парк Маврово е започната во 2012 година, до денот на ревизијата таа не е завршена, односно не се утврдени зоните на заштита, а со Одлука на Уставниот суд на Република Северна Македонија укинати се Урбанистичкиот план за село Маврово со детална разработка на дел од урбан блок 5 и дел од урбан блок 7 и Урбанистичката документација за населено место Леуново – Општина Маврови Анови.

    Приходите по основ на надомест за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, не се користат за донесување на урбанистички планови и не се доставува извештај до Министерството за транспорт и врски за нивното користење. По извршените инспекциски надзори и издадените решенија за рушење на бесправно изградени објекти, општината не преземала активности за нивно административно спроведување.

    Неусогласеноста на билансните позиции во финансиските извештаи, сметководствената и материјалната евиденција од книгата на основни средства, неевидентираните објекти за кои постои доказ за сопственост на општината, неправилностите при вршење на пописот на средствата и обврските и не воспоставената материјална и сметководствена евиденција за набавените и потрошените материјали, влијаат на реалноста и објективноста на Билансот на состојба на ден 31.12.2023 година.

    Во 2023 година, општината направила расходи во износ од 1.723.000 денари без поткрепувачка документација, а извршени се набавки на услуги во износ 855.000 денари, за кои не се спроведени постапки за јавна набавка, констатираат ревизорите.

    ДЗР ги повикува надлежните институции да влезат во Општина Маврово.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира