Политичката криза станува се подлабока. Потребни се брзи и сериозни одлуки. Нема повеќе време за одложување и опструкции, рече евроабмасадорот Аиво Орав на прославата по повод 9 мај, Денот на Европа во ЕУ-Инфоцентарот.
– Договорот од Пржино од минатата година, создаде надеж кај политичките партии, граѓаните и меѓународната заедница. За жал, во изминатава година видовме опструкции, одложувања и неимплементирање на договореното. Помилувањето беше последната капка. Кога се донесе таа одлука, објаснувањето беше дека се прави поради евроатланската интеграција на земјата. Евроатланската интеграција значи демократија и владеење на правото. Но владеењето на правото го разбираме различно. Потребни се брзи и сериозни одлуки. Нема повеќе време за одложување и опструкции. Европската Унија е тука и ќе продолжи да биде тука за да и помогне да земјата да се приближи до нас – рече Орав.
На прославата присуствуваа спикерот на Собранието, Трајко Вељаноски, министерот за надворешни работи Никола Попоски, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева заедно со обвинителките Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи, амбасдорите на САД, Џес Бејли, на Велика Британија, Чарлс Гарет, на Холандија, Ваутер Пломп, на Италија Масимо Белели како и претставници на граѓанскиот и бизнис секторот.