ОСНОВНИОТ КРИВИЧЕН СУД ГИ ОСЛОБОДИ ОД ОБВИНЕНИЕ ДВАЈЦАТА НОВИНАРИ ОД „А1ОН“ ТУЖЕНИ ОД АПАСИЕВ ЗАШТО ГО БАРАЛЕ НА ПРИВАТЕН МОБИЛЕН

    ОСНОВНИОТ КРИВИЧЕН СУД ГИ ОСЛОБОДИ ОД ОБВИНЕНИЕ ДВАЈЦАТА НОВИНАРИ ОД „А1ОН“ ТУЖЕНИ ОД АПАСИЕВ ЗАШТО ГО БАРАЛЕ НА ПРИВАТЕН МОБИЛЕНОвој вид на тужби служат да се предизвика заплашување и правни трошоци или едноставно исцрпување на тужените, во случајов на критични новинари со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика, смета ЗНМ (Фото:СДК.МК)

    Судијката Дијана Груевска од Основниот Кривичен суд Скопје денеска донесе одлука со која се ослободуваат од обвинение новинарите Мери Јордановска и Предраг Петровиќ од „А1он“.

    Пресудата следи по претходно доставената приватна тужба на пратеникот и лидер на политичката партија „Левица“ Димитар Апасиев кој ги тужеше новинарите за „неовластено објавување на лични записи“ според член 148 од Кривичниот закон.

    Пратеникот во тужбата наведува дека скриншотот од одговорот на прашањето на новинарка од „А1он“ (сведок во постапката), кој ѝ го пратил на смс од приватниот телефонски број, не смееле тие потоа јавно да го објават во новинарски текст.

    На постапката која траеше речиси една година тужителот не се појави лично ниту еднаш на рочиште, а тужените двајца новинари доаѓаа повеќе пати да ја застапуваат својата одбрана.

    „Државните функционери мора да сфатат дека функцијата ја вршат 24/7 и се поподложни на јавна критика, без разлика дали одговараат на електронска пошта, смс порака, службен или приватен телефон. И кога ние како новинари ги бараме, ги бараме во име на јавноста, за работи кои се од јавен интерес, па оттаму не смее да се воспоставува практика на воведување страв и цензура“, кажа Јордановска по соопштувањето на одлуката.

    Со оваа пресуда, според ЗНМ, се потврдува ставот на новинарите дека не станува збор за објава на личен запис туку за информација која е од јавен интерес како и тоа дека новинарските прашања кон Апасиев, во дадениов случај, се легитимни и вредни за вниманието на јавноста.

    Во одбраната на новинарите се истакнува праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) според која границите на јавна критика се пошироки за носителите на јавни функции отколку за приватни лица и тие потребно е да имаат поголем праг на критика.

    Здружението на новинарите на Македонија смета дека приватната кривична тужба тужителот Апасиев ја поднел за заплашување и исцрпување на новинарите, за да се откажат од јавна критика.

    „Ваквите тужби во контекст на Советот на Европа се познати како стратешки тужби за спречување на јавно учество (SLAPP). Овој вид на тужби служат да се предизвика заплашување и правни трошоци или едноставно исцрпување на тужените, во случајов на критични новинари со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика. Овие тужби, посебно кога се иницирани од политичари и носители на јавни функции, можат да предизвикаат самоцензура кај новинарите а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните“, вели ЗНМ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира