ОСНОВНИОТ СУД ТЕТОВО ЗЕМАЛ ГАРАНЦИИ ЗА ПРИТВОР ОД ОБВИНЕТИ, НЕ ГИ ЕВИДЕНТИРАЛ НИКАДЕ, ОТКРИВААТ РЕВИЗОРИТЕ

    ОСНОВНИОТ СУД ТЕТОВО ЗЕМАЛ ГАРАНЦИИ ЗА ПРИТВОР ОД ОБВИНЕТИ, НЕ ГИ ЕВИДЕНТИРАЛ НИКАДЕ, ОТКРИВААТ РЕВИЗОРИТЕРевизорите даваат препорака претседателот на судот да изврши надзор над севкупното материјално и финансиско работење и да спроведе целосен попис на судските депозити. - Претседателот на Основен суд Тетово Хасан Асани (Фото: Основен суд Тетово)

    Основниот суд Тетово не ги евидентира примените пари како гаранција за пуштање од притвор на осомничени и обвинети лица, ниту на одземените предмети, а не направил ни попис на опремата, инвентарот и на сè она што е имот на судот, што е законска обврска, утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) по посетата на овој суд.

    Врв на сомнителните финансиски трансакции што ги утврдиле ревизорите е тоа што за наплатените судски паушали од странките, како и за ненаплатените, судската писарница не била известувана.

    Затекнатите состојби од Државниот завод за ревизија кој бил да изврши ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на сметката на основен буџет за 2020 година, не се добри за храмот на правдата во Тетово, Основниот суд. ДЗР искажува резерва дека финансиските трансакции во судот се во согласност со законот.

    „Не е извршен надзор над материјално – финансиското работење со средствата на депозитите (гаранциите за притвор) и одземените предмети, и не е извршен попис на примените средства по основ на судските депозити (гаранции). Изразивме неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики“, стои во извештајот.

    Ревизорите даваат препорака, со која бараат комисија да го истражи работењето со средствата за гаранции, претседателот на судот да изврши надзор над севкупното материјално и финансиско работење и да спроведе целосен попис на судските депозити за да се утврди од кога датираат, да се утврди до кај се тие судски предмети со прифатени гаранции.

    „Клучни системски слабости: не е пропишана формата и содржината на обрасците за водење на судски депозити и неусогласеност на законската регулатива и Судскиот деловник во однос на сопственоста на примените депозити по нивната застареност“, вели ДЗР и потенцира дека Тетовскиот суд немал забелешки на неговите наоди.

    Натаму, се наведува дека овој суд има нецелосен попис на средствата и обврските и дека не извршил усогласување на состојбите искажани во сметководството, со фактичката состојба утврдена со пописот. Не е воспоставена материјална евиденција на постојаните средства. Судот не склучил договор за плаќање на комунални услуги (струја, вода, ѓубре) за 2020 година со корисниците на зградата на судот.

    Следни клучни системски слабости, како што наведува ДЗР, се тоа што Основниот суд Тетово нема одредби за утврдување на платите на вработените во судовите кои вршат технички и помошни работи. Од ракав ги уредува правата на вработените во однос на вреднувањето на минатиот труд при пресметка на платите на судиите и судските службеници.

    „Во сметководството на Основниот суд Тетово не се води дневник за наплатен судски паушал, не се доставува известување до писарницата на судот за наплатен судски паушал и не е воспоставена сметководствена евиденција на ненаплатени побарувања по основ на судски паушал. Изразивме неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики“, укажува Државниот завод за ревизија.

    Во Извештајот стои и дека не е донесен пропис за утврдување на границите на износот на паушалот во прекршочната и во кривичната постапка, па оттаму не е јасно како биле наплаќани овие средства под граѓаните кои имале работа со судот.

    Судскиот совет го видел овој нацрт-извештај на ДЗР, па вели:

    “Во однос на извештајот од извршената ревизија за 2020 година во Основен суд Тетово, на 13 септември 2021 година извештајот е доставен до Судскиот Совет на Република Северна Македонија и истиот е веќе разгледан. Во извештајот се нотирани препораки околу финансиското работење за во иднина кои судот недвосмислено треба да ги спроведе, но не е констатирано дека има злоупотреби во финансиското работење. Ќе следува конечниот извештај на Заводот за ревизија, кој ќе биде доставен и до Судскиот буџетски совет за евентуално да изврши внатрешна контрола на финансиското работење на Основниот суд Тетово”.

    Ќе го чека конечниот извештај за ОС Тетово.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира