ОСОМНИЧЕНАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ДКСК ТАТЈАНА ДИМИТРОВСКА ДЕНЕСКА НЕ ДОШЛА НА РАБОТА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА НЕА ПОБАРАЛО ДИСТАНЦИРАЊЕ ДОДЕКА ТРАЕ ИСТРАГАТА

    ОСОМНИЧЕНАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ДКСК ТАТЈАНА ДИМИТРОВСКА ДЕНЕСКА НЕ ДОШЛА НА РАБОТА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА НЕА ПОБАРАЛО ДИСТАНЦИРАЊЕ ДОДЕКА ТРАЕ ИСТРАГАТАДенеска Димитровска не дошла на работа, а нема ни да оди и да сака, по барање на Обвинителството. (Фото:СДК.МК)

    Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска, која е под судски мерки на претпазливост, добила и мерка од Обвинителството за организиран криминал и корупција, за времено оддалечување од работното место, додека трае истрагата. Односно, осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, воедно не може да гласа и да распределува предмети.

    Поради пресумпција на невиност загарантирана со Уставот, Димитровска која од вчера е осомничена за оддавање службена тајна, останува членка на Државната комисија за спречување на корупција, па и претседателка, додека не се избере нова или нов претседател.

    Членството може да ѝ запре единствено со поднесување на оставка од функцијата.

    Денеска Димитровска не е дојдена на работа. Неа ќе ја заменува заменик-претседателот на ДКСК, кој се бира, односно ротира на шест месеци.

    Денеска околу 15 часот, ДКСК соопшти дека во рамки на своите надлежности, продолжува да функционира редовно во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

    „Како институција остануваме транспарентни и отворени за јавноста и за соработка со надлежните органи“, соопшти ДКСК.

    Димитровска е осомничена заедно со уште две лица за незаконски дејства поврзани со обвинетите во големиот корупциски предмет „Адитив“, за проневера со набавка на адитиви од над 6 милиони евра за РЕК „Битола“.

    Димитровска стапи на функцијата во ДКСК на 8 февруари 2024.

    Таа е фатена како праќа податоци од ДКСК службена тајна, на еден од обвинетите, поранешен директор на ТЕЦ Неготино и сопственик на една од обвинетите фирми во големиот корупциски, односно случај на злоупотреби и на перење пари. Обвинителството за организиран криминал и корупција сега има своја лабораторија во која меѓу другото вештачи мобилни телефони.

    Неофицијално, Димитровска е фатена како праќа тајни податоци од ДКСК, преку вештачењето на мобилниот телефон на овој обвинет.

    Димитровска е третоосомничена во оваа најнова истрага.

    „Третоосомничената со умисла, како службено лице претседател на ДКСК, од мај до декември 2024 година на лице обвинето во предметот ‘Адитив’ му направила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’, како и одлуки за тие предмети, како и податоци за проверка на неговиот и на имотот на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК“, вели Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК).

    Првоосомничениот, пак, на управителките на обвинетите фирми во предметот „Адитив“ им ставил на располагање средства и ги отстранил пречките за кривичното дело, со што им помогнал свесно да ги повредат прописите и да ги изиграат постапките за доделување на договори за јавни набавки.

    „Во периодот од месец декември 2023 до ноември 2024 година, од правното лице во коешто бил вработен, во 84 наврати примил парични средства на име трошоци за службени патувања од значителен износ, средства кои правното лице ги прибавило со сторување на кривичното дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство. Овие средства со цел да го прикрие понатамошниот нивен тек, ги пуштил во оптек и ги подигнувал во готово“, наведува Обвинителството.

    Уште една осомничена оддавала службена тајна.

    „Второосомничената во септември 2024 година, како службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје на неповикано лице обвинето во предметот Адитив, на друг начин му сторила достапни податоци што во согласност со чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Имено, откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈОГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата која се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинетиот му испратила фотографија од Известувањето“, се наведува за второосомничената.

    Со опишаните дејствија во диспозитивот од Наредбата и до денес прибраните докази, на првоосомничениот му се става на товар дека сторил кривично дело Злосторничко здружување, како помагач сторил продолжено кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело. Останатите две осомничени сториле кривично дело Одавање службена тајна.

    „Обвинителството од денес обезбедените докази во корелација со другите прибрани докази ја продолжува постапката во насока на утврдување и на евентуални други кривични дела и сторители“, вели Обвинителството.

    Акцијата за апсење во предметот „Адитив“ почна лани во ноември. Главен осомничен е поранешниот директор на електрани на северна Македонија (ЕСМ) Васко Ковачевски, кој е во бегство. Беа извршени 77 претреси на локации во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје.

    За овој предмет за кој се чека обвинение, беа уапсени 22 лица, од кои осуммина се во притвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира