Откако денеска министрите на ДУИ поднесоа оставки кои би стапиле во сила во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени, од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека оставките треба да бидат неотповикливи и да се оди на брзи избори. Сè друго, според најголемата опозициска партија, е одолговлекување и играње играчки на грбот на државата и иднината на граѓаните.
„Добро е што ДУИ по 20 години власт е подготвена да замине во опозиција од каде ќе може да одговараат за криминалот и да ја докажуваат својата невиност. Откако ДУИ го направи првиот чекор, си поднесоа оставки, сега само тие да бидат неотповикливи и да одиме на брзи избори, бидејќи се друго е одолговлекување и играње играчки на грбот на државата и иднината на граѓаните“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, не споменувајќи ги уставните измени.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети претходно денеска кажа дека одлуката министрите и другите владини функционери на ДУИ да поднесат оставки ја донеле водејќи се од ставот на опозицијата дека ќе гласа за уставните измени ако ДУИ ја напушти Владата.
Уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот поминаа на собраниската Комисија за уставни прашања, а пленарната седница за расправа за потребата за отворање на Уставот е закажана за 18 август.