ОТВОРЕН ЦЕНТАР ЗА ДЕБЕЛИНА НА ДЕТСКАТА КЛИНИКА, НАД 30 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ОД 6-9 ГОДИНИ СЕ СО ЗГОЛЕМЕНА ТЕЖИНА

    ОТВОРЕН ЦЕНТАР ЗА ДЕБЕЛИНА НА ДЕТСКАТА КЛИНИКА, НАД 30 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ОД 6-9 ГОДИНИ СЕ СО ЗГОЛЕМЕНА ТЕЖИНАДиректорот на Фондот за здравство Сашо Клековски, директорот на Детска клиника д-р Реџеп Мемеди, директорот на Клиниката за ендокринологија д-р Ирфан Ахмети и министерот за здравство на денешниот настан на Детска клиника. (Фото: Министерство за здравство)

    Центар за третман на дебелина кај децата е отворен на Клиниката за детски болести, соопшти Министерството за здравство. Потребата од ваков специјализиран центар, како што вели Министерството,  е резултат на податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Клиниката за детски болести, според кои над 30 отсто од децата на возраст од 6 до 9 години во Македонија се со зголемена телесна тежина, а речиси 14% од нив се соочуваат со екстремна дебелина.

    „Детската дебелина не е само естетски или нутриционистички проблем, туку комплексна состојба која бара ран и мултидисциплинарен пристап. Затоа овој центар овозможува тим од педијатри-ендокринолози, нутриционисти, психолози и физијатри заеднички да работат со децата и со нивните семејства. Како и кај останатите центри за менаџирање со дебелина во државата, пристапот до услугите се одвива преку системот ‘Мој термин’. Матичниот лекар или матичниот педијатар прво ја евидентира состојбата и доколку има потреба од специјалистички третман, издава упат директно за Одделот за ендокринологија со молекуларно-генетска дијагностика, во чиј состав е и Центарот на Детската клиника. Таму се спроведуваат детални молекуларно-генетски, хормонални и метаболички испитувања за да се утврди точната причина за обезноста и да се одреди индивидуален план за лекување“, вели министерот Азир Алиу.

    Од Министерството додаваат дека навремениот третман на дебелината кај децата спречува појава на сериозни здравствени проблеми во тинејџерските години и во подоцнежна возраст, како што се дијабетес тип 2, кој сè почесто се јавува кај децата, кардиоваскуларни нарушувања и висок крвен притисок, ортопедски проблеми, односно деформации на зглобовите и колената, како и психолошки проблеми, социјална изолација и стигматизација.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира