ОВА НЕ Е МЕЃУПАРТИСКА БИТКА, ОВА Е БИТКА МЕЃУ ЧЕСНИТЕ И НЕЧЕСНИТЕ, КАЖА ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ ПО ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ

    ОВА НЕ Е МЕЃУПАРТИСКА БИТКА, ОВА Е БИТКА МЕЃУ ЧЕСНИТЕ И НЕЧЕСНИТЕ, КАЖА ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ ПО ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИНа поставено прашање дали ќе го разреши директорот на Пазарниот инспектор, на новинарот му кажа дека му ги пишуваат прашањата и оти нема законска причина тој да биде разрешен. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски вечерва на прес-конференција кажа дека ова е најтешкиот ден во неговиот живот, дека пожарот со 59 жртви во дискотеката во Кочани е трагедија што е нешто најстрашното досега за него. Искажа разочараност од длабоко корумпираниот систем.

    Објектот кај што се случи несреќата, има фалсификувана лиценца издадена во март лани, со мито, рече тој. Додаде дека таму било заведено оти е комуникација со странски инвеститори за кабаре, а не лиценца за дискотека.

    „Тоа е документ за работа на кабаре, кој е издаден нелегално, со оригинален печат на Министерството за економија и потпис на тогашните официјални лица на истото тоа министерство. Има тука многу прашања кои истрагата ќе ги одговори“, рече Мицкоски и побара кривична одговорност без милост, до последниот одговорен.

    „Потребна е и демонстрација на морална одговорност“, побара Мицкоски. Рече, мора да ја има.

    „Мене не ми е потребна власт по секоја цена. Јас треба да демонстрирам со личен пример како понатаму. Треба ли да победи корумпираниот систем? Во следниве денови ќе преземеме чекори, тоа ви го должам вам и на семејствата на жртвите. Системот мора да се ресетира. Мора да демонстрираме ние како политичари нешто различно. Или ќе не биде, или нема да постоиме како држава.  Мора да се стави крај на корупцијата. Ова не е меѓупартиска битка, туку битка меѓу чесните и нечесните.  Јас сум одлучен. Ќе има решителни чекори и одлуки. Благодарам на сите пријатели што ни помагаат“, кажа Мицкоски.

    „Ова не е меѓупартиска битка ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, туку ова е битка на чесните против нечесните и корумпираните од сите партии и сите институции. Ова го зборувам за сите чесни луѓе во Македонија, и во ВМРО-ДПМНЕ, и во СДСМ, и во Вреди, и во ДУИ и во други партии кои искрено сакаат државата да има ред и поредок. Без разлика на идеолошките разлики мора да се стави крај на корупцијата и да се срозат корумпираните и раскалашени луѓе кои ги злоупотребуваат институциите исто како што тие го срозија и прегазија ова што денеска го гледавме, а тоа се нашите души“, рече Мицкоски.

    Тој на поставено прашање дали ќе го разреши директорот на Пазарниот инспекторат, на новинарот му кажа дека му ги пишуваат прашањата и кажа дека нема законска причина тој да биде разрешен. Претходно, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека не е надлежен ни градоначалникот на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ.

    Мицкоски дека сега засега не се планира воведување вонредна состојба во државата и не планираат да вклучат меѓународни експерти во истрагата за несреќата во Кочани.

    Владата прогласи 7-дневна жалост на територија на целата држава по трагедијата во Кочани, и повика секој да се придржува до одлуката, „бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни“, се вели во соопштението по вонредната владина седница. Го задолжи и Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор), на територијата на земјава и за наодите од надзорот веднаш да ја извести Владата, „за да се утврди фактичката состојба дали истите работат според стандардите ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата“.

    Дискотеката „Пулс“ работела со фалсификувана лиценца, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој кажа дека една година дискотеката немала лиценца и таа работела и поради мито и корупција.

    „Осомничени се повеќе од 20-тина лица, околу 15 лица се во полициска станица. Дел од осомничените се починати, дел се во болница. Дел од приведените се луѓе кои имаат дирекна вина за овој кривично-правен настан, односно приведено е едно лице кое е организатор и имаме сомнение дека има директна вина. Приведени се поранешен државен секретар на Министерството за економија, раководител на сектор во ова Министерството, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) како и тројца вработени“, рече Тошковски и кажа дека лицата по кои беше издадена потерница се најдени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира