ОВА НЕМА СМИСЛА, СЛУЧАЈОТ ЌЕ ЗАСТАРИ, СЕ ПОЖАЛИ ФЕТАИ ПО УШТЕ ЕДНО ОДЛОЖУВАЊЕ НА СУДЕЊЕТО ЗА ШАМАРИТЕ ВО ЦЕНТАР

    ОВА НЕМА СМИСЛА, СЛУЧАЈОТ ЌЕ ЗАСТАРИ, СЕ ПОЖАЛИ ФЕТАИ ПО УШТЕ ЕДНО ОДЛОЖУВАЊЕ НА СУДЕЊЕТО ЗА ШАМАРИТЕ ВО ЦЕНТАРСпецијалните обвинители Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски утринава пристигнуваат во Основниот суд Скопје 1 за судењето за случајот „Насилство и шамари во Општина Центар“. (Фото: СДК.МК)

    Со недоаѓање на двајца од 13-темина обвинети во случајот „Насилство и шамари во Општина Центар“ на СЈО, судењето, каде главен обвинет е експремиерот Никола Груевски, се одложи. Ова е вторпат да се одлага овој судски процес поради недоаѓање на обвинети.

    Минатиот пат не дојдоа петмина од нив и расправата не можеше да почне, исто како денешното. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи од судијката Татјана Михајлова побара обвинетиот Димче Крстев, кој не го оправда отсуството, за наредното рочиште да биде приведен стражарно.

    На денешното судење дојде првообвинетиот Груевски. Половина час судијката Михајлова не можеше да најде термин за судење, зашто големата судница била зафатена до 8 ноември годинава.

    Фетаи стана и кажа дека ова навистина повеќе нема смисла.
    „Година и два месеци главната расправа судија не почнува. Предметот ќе ни застари. Имаме обвинение и вие треба да постапите. Не нѐ интересира нас дали судницата е слободна или не. Вие треба да најдете судница и да обезбедите услови за одржување на процесот. Нема смисла волку да ги малтретираме сведоците”, рече Фетаи.

    На крај, падна договор судењето да се одложи за 20 ноември годинава, за кога судијката Татјана Михајлова најави дека ќе утврди кога има слободни термини за да се одржуваат судењата зачестено, ако е можно и секој ден.

    На 20 ноември, во ист термин во 10 часот, е закажано и судењето против премиерот Зоран Заев во случајот „Поткуп“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира