Љубе Бошкоски во Основниот суд Скопје 1 во случајот „Тортура“ на СЈО, сведочи утринава за неговото апсење на 6.06.2011 година, ден по парламентарните избори, по наредба, според обвинението, на тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
„Кога излегов од ресторанот ‘Воденица’, носев со себе ќесичка со пари која внатре ми ја даде пријател, кој ми ги должеше тие пари. После тој човек излезе заштитен сведок против мене. Слушнав: ‘Полиција, стој! Апси го! Застанав, не дадов отпор, бев во шок’“, го почна сведочењето оштетениот Бошкоски.
„Легнете го на земја ѓубрето, пичка му материна! Ова ти е поздрав од шефот. Ај сега лај, ѓубре едно: ‘Летај Сашааа, Летај Саша!’ Да ти ебам жената, не ти бегаат 8 години затвор“, рече Љубе и се присети на уште еден детал.
Додека го гмечеле алфите со колената, го притискале со пиштол во десниот образ, го ставале до полски клозет, удирајќи го меѓу нозе, некој од алфите сугерирал да не го спомнуваат повеќе името Сашо или Саша.
„Кога реков дека знам оти ме наместил нивниот шеф Саша, некој рече: ‘Викајте само шефот, шефе. Не Сашо!’, дигајќи го на, ранг на библиско суштество. По она: ‘Не го спомнувај залудно Бог!’“, рече Бошкоски.
По ова го однеле во полициската станица Автокоманда, но по кусо време го вратиле пак на местото каде што го апселе бидејќи не го снимиле сите телевизии.
„Тука го повторија апсењето“, тврдеше Бошкоски.
Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков е првообвинет во предметот на СЈО „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски, а обвинети се и петмина „алфи: Ивица Анчевски – Пуки, Новица Станковски, Филип Атанасов, Петар Милошевски, Јован Боцевски, Петар Милошевски и Метуш Шабани, сите за нечовечко постапување и изживување врз Бошкоски поради политичка одмазда.
С. К. ДЕЛЕВСКА